1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Златниот венец“- голема сатисфакција за Матеја Матевски

„Златниот венец“ на 50-то издание на Струшките вечери на поезијата на на македонскиот поет Матеја Матевски ќе му биде врачен во август. Тоа за него е голема возбуда и радост, вели Матевски во интервју за Дојче Веле.

default

Матеја Матевски

Академик Матеја Матевски, македонски поет, литературен и театарски критичар, есеист и преведувач е добитник на „Златниот венец“ на 50 - та светски реномирана поетска манифестација на Струшките вечери на поезијата за 2011 година. Ова во Македонската Академија на Науките и Уметностите го соопшти Славе Ѓорго Димовски претседател на Управниот одбор на оваа манифестација. Одлуката одборот ја донел едногласно. Златниот венец на Матеја Матевски ќе му биде врачен во август годинава на оваа јубилејна 50 - та по ред светска поетска манифестација во Струга.

Втор Македонец кој ќе се закити со „Златниот венец“ на СВП

Матеја Матевски по Блаже Конески е вториот Македонец кој ќе го добие светски високото поетско признание, „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата.Со тоа Матевски влегува во друштвото на венцоносците Пабло Неруда, Еуџенио Монтале, Сејм Гор, Рафаело Оберти, Бротски, Тед Хјуз, Михаил Ед Бергер, Ивон Фоа и многу други. Матевски за Дојче Веле изјави дека оваа награда за него е голема возбуда и радост бидејќи се совпаѓа со големиот јубилеј на оваа манифестација.

„Јас сум трогнат од вниманието на моите колеги писатели кои едногласно се определија за мојата поезија и тоа е навистина голема сатисфакција за се’ она што јас го работам повеќе од половина век ‘‘, рече македонскиот поет.

Матевски ќе се закити со својата 15-та висока меѓународна награда

Mateja Matevski

Матеја Матевски

За оваа висока меѓународна награда, 15 та по ред Матевски вели дека со неа воедно му се оддава сатисфакција за неговото 50 годишно творење почнувајќи од првата стихозбирка „„Дождови‘‘ до последната „Нирвана‘‘ издадена неодамна. „Значи едно поетско творештво од 18 книги поезија. Не говорам за моите книги есеи, критики за литературата и театарот,ниту за околу 60 книги поезија што сум ја преведувал од повеќе јазици. Исто така ова е сатисфакција и за тоа што 40 мои книги се објавени на над 20 јазици,што за еден поет претставува голема радост и вистинско задоволство‘‘.

Матеја Матевски со грандиозен опус

Матеја Матевски низ целиот свој творечки пат вложуваше и сеуште вложува несебични напори да ги вклучи македонските содржини во широкиот балкански,европски и светски контекст. Тој со својот грандиозен поетски опус на сите јазици и писма,континуирано го дава својот влог во заемното запознавање и почитување на културите, градењето нова димензија во пријателството меѓу народите во светот,изјави вчера во МАНУ по повод соопштувањето на наградата, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

А Матевски со своите 82 години најавува дека нема да запре со својата поезија на 18 та стихозбирка. „Се надевам дека нема да останам на оваа 18 –та книга бидејќи се’ уште чувствувам посебни мотиви и еден внатрешен порив, за да можам да продолжам да пишувам‘‘ ни изјави Матевски.

Автор Антоанела Димитриевска

Редактор: Симе Недевски