1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Златната средина е најлоша алтернатива

Во Авганистан догодина ќе бидат испратени уште 30.000 војници, чие повлекување ќе почне една година подоцна. Со ова, Обама сакаше да им угоди на сите, но дали успеа да ја најде златната средина?

default

Барак Обама е човек кој прави компромиси. Тоа е често добро, но понекогаш златната средина е најлошата алтернатива. Така е во случајот на Авганистан. Претседателот сака таму што е можно побрзо да стационира дополнители 30.000 војници и за една година повторно да ги врати назад. На тој начин тој сака да им излезе пресрет на сите: на апсолутните противници на војната, на оние кои ја поддржуваат, како и на оние кои војната против Ал Каеда и талибанците најрадо би ја воделе од далеку. Со ваквата стратегија тој веројатно нема никому да му угоди.

Продолжувањето на војната за две години, на пацифистите ќе им биде предолго. Оние кои се против утврдување датум за повлекување однапред, нема да омекнат поради тоа што уште не е утврдено колку брзо ќе се одвива повлекувањето. А тесните временски рамки, кои претседателот ги наметнува за стационирање на 30.000 војници, ќе претставуваат голем логистички предизвик за веќе изморената војска.

Обама си ја остави вратата подотворена

Годината која им останува на војниците да ја завршат работата во Авганистан, пак, ќе биде претесен временски период за истовремено да успеат да ја уништат Ал Каеда, да ја обучат авганистанската војска и да го заштитат цивилното население. Тоа очигледно му е јасно и на претседателот Обама. Затоа тој си остави подотворена врата и порача дека повлекувањето ќе зависи од тоа какви ќе бидат околностите на теренот. Значи ли тоа дека рамковниот датум за повлекување се’ уште не треба да се сфаќа сериозно?

Christina Bergmann

Кристина Бергман

Во многу точки на говорот претседателот остана разочарувачки неодреден: на пример, околу тоа како ќе се покријат трошоците за засилување на трупите. За стационирањето на секој американски војник во Авганистан годишно се потребни еден милион долари. Претседателот не спомна ништо за воведување воен данок, како што тоа го бараат многумина. И неопходниот решителен збор на сметка на подмитливата и неефикасна влада во Авганистан - исто така изостана. Обама само рече дека повеќе нема да има бланко-чек за владата во Кабул. Но, тоа тој го кажа веќе во говорот во март, кога ја даде наредбата за испраќање на првото засилување во Авганистан. Дека таму во меѓувреме ништо не се сменило стана многу јасно и преку манипулираните претседателски избори.

Борбата против Ал Каеда е неизбежна

Во говорот на Обама пред питомците на Воената академија „Вест Поинт“ стана јасно дека на носителот на Нобеловата награда за мир тешко му паѓа да тргне во војна. Барак Обама, за вистина на волјата, објасни уште за време на изборната кампања минатата година дека борбата против Ал Каеда во Авганистан е неизбежна, за да се заштити американскиот народ. Овојпат тој отиде чекор натаму и рече дека станува збор дури за безбедноста на целиот свет. Но, претседател на држава што се наоѓа во војна и кој има сериозни намери, тој настапува поинаку и не држи паралелно предавања за американските вредности како мирот и слободата, кои на другите нации не би требало да им се натураат со сила. Идните офицери го сослушаа предавањето и аплаудираа учтиво, но не оставија впечаток дека се многу уверени во зборовите на претседателот.

Сепак, едно нешто мора да му се признае на претседателот Обама: временскиот план што го објави пред своите сограѓани значи дека тој прифаќа да поднесе отчет за успехот и неуспехот на неговата стратегија уште до крајот на првиот мандат како претседател на САД. Тоа е голема и решавачка разлика во однос на неговиот претходник, кој всушност му ги остави во наследство сите тешкотии, коишто Барак Обама сега се обидува да ги реши.

Автор на коментарот: Кристина Бергман

Превод: Дана Трајчев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска