1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Златен јубилеј на Мавровскиот меморијал

Синоним за скијачкото трчање во Македонија е „Мавровскиот меморијал“. Натпреварување, кое скоро 6 децении има посебно место во спортското живеење. Во деновите од викендов, ќе го одбележи својот златен јубилеј.

Скијачите-нордијци одново ќе тргнат во освојување на снежните белини на Бистра. Денеска и утре (02.03 и 03.03) следи нова трка на легендарната мавровската снежна линија, на патеката во која е вградена една голема човечка трагедија и една повеќедецениска спортска историја. На „Мирна долина“, најголемиот и најпознатиот македонски и најстариот ски-центар на Балканот, по 50-ти пат ќе одекне стартниот пиштол, продолжувајќи ја спортската епопеја зачната пред скоро 6 децении со повод, многу траурен.

Од колено на колено се пренесува приказната за страшната трагедија, што се случи во 1956 година во Маврово и околината. На 11 февруари во вечерните часови, огромна снежна маса се одвојува од Кораб и носи се‘ пред себе. Затрупува неколку села, сместени на падините на планинскиот масив. Жртви на разулавената лавина се вработените, ангажирани во изградбата на мавровските хидроцентрали. Неколку дена и ноќи трае борбата на спасувачките екипи за извлекување на настраданите. Епилогот е трагичен. 56-мина рудари, градежници, општи работници ги оставаат животите под налетот на снежната стихија.

Nordic Walking

Почетоците на Меморијалот

Според сведоштвата за мавровската катастрофа, во спасувачките екипи, кои меѓу првите се пробиле до местото на несреќата биле поголема група спортисти, вични во скијањето...

Заре Лазаревски, Борче Петрушевски, Гого Попов Постариот,Гого Попов Помладиот, Радован Мадиќ, Славе Стојановски, Никола Куновски ...спасителите од Торбешки мост, носејќи го во себе чемерот од страотните слики на несреќата, ја заговараат идејата за меморијално натпреварување. Во 1957 година е организирана неофицијална трка, а во 1958-та традицијата на „Мавровскиот меморијал“ започнува со тримеч на селекциите на Македонија, Словенија и екипа на ЈНА. Македонскиот тим е составен од натпреварувачи од ски-клубовите од Тетово,Крушево, Скопје и од Битола.Во тој момент се раѓа првото натпреварување во нордиски дисциплини на Балканот.

Спортски празник

Првата патека е лоцирана покрај брегот на Мавровското Езеро со старт во селото Маврово, а води преку Никифорово, Леуново, Бунец и е со цел во Маврови Анови. Одржувањето на трките прераснува во спортски празник. Жителите на Маврово и околните села, редовно во голем број ги поздравуваат натпреварувачите. Поштарот Таип на моторцикл ги следи тркачите и со труба го најавува нивното доаќање на целта. Девојки, жени во народни носии со топол чај ги пречекуваат на целта...спортски празник! Први победници се Керштајн и Калан од Словенија. Арсе Авакумовски, Благоја Бојчин, Димитар Смилевски... во 60-те и 70-те години се најуспешните македонски претставници на Меморијалот, кој се бодува во рамките на Купот на Југославија.

Skifahrer

Маврово на европската ски-карта

Нишката на Меморијалот, со куси прекини, главно се одржува. Последниот натпреварувачки застој беше во турбулентното време на распадот на Југославија. Но, група ентузијасти во 1993-та година ја продолжија традицијата. Мавровскиот меморијал првпат добива свое место и на меѓународната ски-карта. Влезе во календарот на ФИС. Патеката од езерското крајбрежје, која подоцна е пренесена повисоко на Бистра на локалитетот „Мирна долина“, одново заживува. Учесници од 15-тина земји од Европа му го вратија натпреварувачкиот сјај на Маврово. Романецот Антал Жолт се специјализира за мавровскиот снег со најмногу победи во 90-тите години. На стартната листа во 1998 година се најде и името на Лукаш Бауер од Чешка, кој на 30 километри слободен стил беше 5-ти, а денеска е едно од најпознатите имиња на светскиот крос-кантри со е сребрен медал од Олимпијадата во Торино и два бронзени на последните Зимски олимписки игри во Ванкувер! Свој печат остави и уште еден Чех, Михал Магал и Словенецот Доленц, Македонците Ѓоко Динески и Драган Даневски. Денес македонска перјаница е Дарко Дамјановски.

И натаму традицијата и ентузијазмот се чуварите на „Мавровскиот меморијал“. Одвреме - навреме беспарицата го прави своето, не секогаш може да се обезбеди посакуваниот натпреварувачки квалитет. Но, останува духот на Меморијалот и неговото место на листата на ФИС.