1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Златен рудник за интернет шпионите

Кому пишуваме електронски пораки, кој одговара на нив, преку кои сервери? Оној кој сака, може сето тоа лесно да го дознае. Клучот е во т.н. мета-податоци во главата на пораката.

Додека сурфате по интернет не насетувате дека вашите податоци грижливо се прибираат од повеќе страни. На пример, доколку посетите некоја страница на која сакате да купите мебел, со недели потоа во аголот на вашиот екран ќе се отвораат прозорчиња со понуди на разни производители на мебел. За тоа се одговорни т.н. tracking- cookies, мали програми кои се вгнездуваат во интернет пребарувачот и собираат податоци за вашето сурфање. „Тракинг“ функцијата е секако интересна за маркетингот, но разузнувачките служби ги интересира нешто друго.

Се работи за т.н. мета-податоци. Тоа се информации кои се испорачуваат во позадината на некои интернет-содржини. Кај дигиталните фотографии тоа е, на пример, податок за фото-апаратот со кој е направена, датумот, резолуцијата, а доколку фото-апаратот е опремен со GPS и податоци за местото каде е сликано.

За разузнувачите се особено интересни мета-податоците во и-мејл пораките. Кој кому и кога му напишал порака? Тие податоци се наоѓаат во главата на секоја порака: испраќач, адреса, време и сервер преку кој одела пораката.

Internet - Google kauft Waze

Гугл прави „досие“ за секој свој корисник

Експертите од МИТ институтот во Масачусетс, САД сакале да дознаат колку може да се открие за интернет-корисникот доколку се следат неговите пораки. На нивната страница „NSA yourself“ тие му овозможуваат секому да види кои податоци за нив се собираат врз основа на пораките кои ги испраќаат и добиваат. На тој начин лесно може да се открие колку често се комуницира со некоја личност. Тоа носи опасност да се најдете во визирот на разузнувачите само поради тоа што е сомнителна некоја личност која ја познавате.

Заштита преку „даркнет“

Една од можностите да се сочува електронската кореспонденција во тајност е користењето на т.н. „даркнет“. Информациите во оваа мрежа се разменуваат прикриено. Една од тие мрежи е ТОР. Таа функционира со сервери на различни локации кои постојанo ги менуваат своите ИП адреси, така што е тешко да им се влезе во трага на корисниците.

Податоците за себе, за своите навики и активности оддаваат и корисниците на социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер. Овие мрежи често ги проследуваат тие податоци. Тоа го прават и бројни апликации, мали програми за мобилни телефони кои често пати откриваат далеку повеќе за корисникот, отколку што е тој свесен.

Оттука, многу експерти ги повикуваат корисниците на интернет добро да размислат што поставуваат во мрежите. За оние кои сакаат да ги заштитат приватните информациите, мета-податоците остануваат најголем предизвик.