1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Златен лав“ за рускиот Фауст

За најдобар филм на Фестивалот во Венеција е прогласено остварувањето на рускиот режисер Александер Сокуров, „Фауст“. За најдобар актер е прогласен Германецот Михаел Фасбендер.

default

Режисерот Александер Сокуров со „златниот лав“

На некој начин ова беше негов фестивал: германскиот актер Михаел Фасбендер, кој неодамна се проби преку споредна улога во американскиот филм „Неславни копилиња“, годинава во Венеција се појави во главната улога во два филма. Во делото на Дејвид Кроненберг „Опасен метод“ тој го игра психоаналитичарот Карл Густав Јунг, кој е растргнат меѓу големиот авторитет на неговиот ментор Зигмунд Фројд и љубовта кон една пациентка.

Во другиот филм Фасбендер, пак, од терапевт се најде во улогата на пациент. Во „Срам“ на Стив Мекквин, тој имено игра сексуално опседнат маж, кој никако не може да дојде до доволно задоволство. Откако дозна дека е прогласен за најдобар машки актер на фестивалот, Фасбендер изјави:

Michael Fassbender Venedig 2011

Актерот Михаел Фасбендер со трофејот

„Прекрасно чувство е кога ќе ја искористиш понудената шанса и притоа веруваш дека правиш нешто многу вредно. Кога тоа и другите го гледаат така, дотолку повеќе! Му благодарам на режисерот Стив Мекквин. Се чувствувам многу почестен!“

Отсуство на германски филмови

На 68-мото издание на Филмскиот фестивал во Венеција немаше ниту едно германско остварување во главната конкуренција. Дотолку повеќе актерот Михаел Фасбендер мораше да ги брани германските бои.

Од друга страна, и победничкото остварување на рускиот режисер Александер Сокуров е на некој начин германско. Тој, имено, ја одбра класичната тема за Фауст како подлога за неговиот истоимен филм. Притоа мора да се каже дека делото на рускиот режисер има само далечна поврзаност со класичниот Фауст на Гете.

Интересно е што на публиката на фестивалот победничкиот филм и’ беше прикажан токму на германски јазик. И тоа не без причина, бидејќи во него глумат Австриецот Јоханес Цајлер, како и Германците Хана Шигула и Флоријан Брикнер. Би можело да се каже дека делото претставува „парче германска култура мејд ин Русија“.

Russland Putin und seine Frau Ludmilla

Рускиот премиер Владимир Путин

Ова дотолку повеќе што рускиот премиер Владимир Путин лично се заложил за реализирањето на овој филм како „придонес за европската интеграција на неговата земја“. Режисерот Сокуров се заблагодари при доделувањето на наградата за сета државна помош, без која според него не би бил можен авторскиот филм.

„Среќен сум што можам да живеам за киното, среќен сум што можам да живеам во Европа. Среќен сум што сите се сакаме во Европа, затоа што можеме добро да се разбереме“, нагласи Сокуров.

Бегалците од Африка во фокусот

Специјалната награда на жирито годинава отиде во Италија. Режисерот Емануеле Криалезе во филмот „Тера ферма“ ја обработува бегалската драма на голем број Африканци, кои со мали бродови се обидуваат да стигнат во „ветената земја“ Европа.

Italien Fimlfestspiele Venedig Eröfnung

Италијанскиот режисер Еменуеле Криалезе (трет од лево)

Притоа го ставаат на коцка дури и сопствениот живот, а во Италија ги третираат како нелегални имигранти.

Режисерот Криалезе ја набљудува приказната од обете страни, како од аспект на бегалците, така и на домашното население во Италија, кое е соочено со големиот број непоканети дојденци.

„Сакам да им се заблагодарам на жителите на островите, посебно оние од Линоса и од Лампедуза, кои ми отворија нови хоризонти. Многу ми помогнаа во ова филамско патешествие.“

Засилено присуство на Кинезите

Две од поважните награди годинава отидоа во рацете на кинеските синеасти. За најдобра актерка беше прогласена Деани Ап, која во филмот „Едноставен живот“ игра старица испратена во старечки дом, по децении тешка работа како куќна помошничка во едно семејство. Сребрениот лав за режија пак, му беше доделен на Каи Шангјун за делото „Луѓе планина - луѓе море“. Тој претставува остра социјална критика на условите, во кои живеат неговите сонародници во едно сиромашно предградие на голем кинески град.

Автор: Тилман Клајнјунг / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска