1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Златен лав за Германскиот павилјон на Биеналето

Германскиот павилјон ја освои наградата Златен лав на Биеналето во Венеција. Ова е признание пред се‘ за германскиот уметник Кристоф Шлингензиф кој почина во 2010 година, зашто Германскиот павилјон е омаж за него.

default

Внатрешноста на Германскиот павилјон

На Кристоф Шлингензиф му беше доверено уредувањето на Германскиот павилјон за 54-то издание на Биеналето во Венеција, но тоа беше проект што тој не можеше да го заврши. Уметникот почина од рак, на 21 август 2010 година, на возраст од 49 години.

Кураторката на Павилјонот, Сузане Генсхајмер, која истовремено е и директорка на Музејот за модерна уметност во Франкфурт, беше таа што му ја даде довербата на Шлингензиф. По неговата смрт, мораше целосно да ги промени плановите, но сепак реши да не ангажира друг креативец. Изборот на Шлингензиф, конечно, беше направен од убедување. Генсхајмер одлучи да го документира делото на штотуку починатиот уметник. Зашто, проект на Шлингензиф без него не може да биде реализиран.

Kunstbiennale Venedig 2011 Christoph Schlingensief

Простор за многуте прашања

Во средиштето на Павилјонот сега се наоѓа просторна инсталација која за Триеналето во Рур, во 2008 година ја осмисли починатиот режисер и провокатор: „Црква на стравот од туѓинецот во мене“, преку која тој го прикажува својот страв од туморот и борбата меѓу животот и смртта.

Во една споредна просторија е вградено кино во кое се прикажуваат филмовите на Шлингензиф, во друга пак, се изложени неговите планови за изградба на опера во Африка.

Кураторката Генсхајмер вели дека во Германскиот павилјон посетителите нема да најдат одговор, но ќе наидат на бројните прашања кои Шлингензиф ги постави во текот на три децении. Ќе остане запаметена неговата позната „Германска трилогија“, во која како режисер се пресметува со германскиот нацизам и ксенофобија, од Хитлер па до времето по падот на Берлинскиот ѕид.

„Меѓународната публика го цени делото на Кристоф Шлингензиф, а тоа не прави среќни“, изјави кураторката.

Kunstbiennale Venedig 2011 Christoph Schlingensief

Проекција на филм-Шлингензиф во фокусот

Признание за Шлингензиф

„Уметничкото биенале во Венеција со доделувањето на наградата на Германскиот павилјон го велича и делото на вонсерискиот уметник Шлингензиф, чија загуба болно ја чувствуваме, а чие уметничко наследство долго ќе врши влијание врз нас“, со овие зборови германската државна секретарка во Министерството за надворешни работи Корнелија Пипер му честиташе за наградата на тимот на Германскиот павилјон во Венеција.

Германскиот павилјон, но и Биеналето воопшто, претставува силен контраст на идиличната слика за Венеција од разгледниците. Зашто, светот не е секогаш пловење по мирниот канал додека гондолиерот пее серенада. Организација на Биеналето донесува разноликост и покажува дека идејата на поделба по национални павилјони не е старо железо.

Годинава за Златен лав во Венеција се натпреваруваа вкупно 89 земји за категоријата „Најдобар павилјон“, повеќе од кога било досега. Биеналето годинава се одржува под мотото „Илуминати“, а трае до 27 ноември.

Автор: ЖА/АТ/дпа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска