1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Зимски хаос во Европа

Франкфуртскиот аеродром е делумно затворен поради снег. Во Франција е формиран „зимски“ кризен штаб. Метеоролозите зборуваат за „мартовска зима“ и не навестуваат скора пролет.

Силните врнежи од снег во делови од Западна и Централна Европа предизвикаа хаос и го парализираа сообраќајот. Меѓународниот аеродром во Франкфурт денеска со часови беше затворен поради обилниот снег, до попладнево беа откажани околу 400 летови.

Снегот и ниските температури го отежнаа и патничкиот сообраќај, при што во Германија се регистрирани околу 1.000 сообраќајни несреќи. Во покраината Хесен во серија тешки сообраќајки се повредени повеќе лица. Метеоролозите предвидуваат температурата во текот на ноќта да се спушти до минус 15 степени.

Зимата се врати и во Франција, а обилни снежни врнежи изминатата ноќ блокираа стотици луѓе во нивните автомобили долж патиштата во северниот дел на земјата. Во 26 департмани во Северна и Западна Франција е прогласено портокалово ниво на опасност заради снегот, што оваа сезона беше забележан и со количествата, и со времетраењето на врнежите, што се очекува да запрат в среда наутро, соопшти метеоролошката служба.

Илјадници автомобили останаа блокирани во југоисточниот дел на Англија поради обилниот снег. Голем број возачи останаа во возилата повеќе од осум часа. Колоната од возила беше со должина од над 50 километри.

Синоптичарите соопштија дека во некои реони на Југоисточна Англија синоќа биле измерени минус седум степени. Толку студено време во март во земјата немало од 1986 година. Се предвидува дека студеното време ќе биде до четврток. И Белгија денеска е блокирана од обилен снег, што од вчера почна слабо да паѓа и во текот на ноќта премина во снежна бура.

Аеродромот во Брисел прифаќа летови, но нормалниот режим на работа е многу нарушен. Неколку десетици летови се откажани или забавени денеска, главно од Холандија, од Германија, од Швајцарија и од Италија.

Во следните денови се очекува да продолжат снежните врнежи и температурите да останат под нулата. Минатата недела температурите достигнаа 19 степени над нулата, па така за само неколку дена е измерена разлика од 25 степени.