1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зимата е екстремна дури и за Русите

Температури од минус 35 степени во Москва и околината - дури и за руски услови ова е екстремно остра зима. Студот трае со недели, а од тоа страдаат пред се‘ луѓето на село.

Синаида Костерева мора да сече дрва секој ден за ќерките да не и‘ замрзнат. Во Борихино, село на 250 километри северно од Москва, температурите со недели се под минус 20 степени.

„Немаме приклучок за гас и затоа купуваме боци со гас. Но до нив е тешко да се стигне. Постои листа на чекање, со време на чекање до месец и половина“, вели Костерева.

Семејството се обидува да ја изолира куќата колку што е можно подобро. Снегот би требало да спречи студениот воздух да влезе во куќата. Студот им го загорчува животот и на животните, а козите, свињите и кокошките се највредното што семејството го има:

„Едно прасе ни‘ умре од студ. Едноставно замрзна. Не можевме да сториме ништо. Јарињата ги носиме во дневната соба. Таму ќе останат се‘ додека не се затопли.“

Winter am Amur

Животот во Борихино е одвај издржлив, велат жените. Платена работа овде нема одамна. Многумина од селаните се отселиле. Една третина од куќите се празни. Типично за Русија - од распадот на Советскиот сојуз, според проценките, од картата исчезнале 20 илјади села.

„Овде нема лекар, нема продавници, нема диско. Децата мора да одат на училиште со автобус. Освен тоа, постојано ни‘ ја исклучуваат и струјата.“

Русите се навикнати на студ, но оваа зима е невообичаена дури и за руски услови. За луѓето во руските заборавени села острата зима брзо станува борба за преживување.

Прилогот можете да го погледнете и како Видео на денот!


Автор: Александра фон Намен / Е. Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Аудио и видео прилози на оваа тема