1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зетот на Бин Ладен на суд

САД во зетот на Бин Ладен, Абу Геит, гледаат една од клучните фигури на Ал Каеда. Тој беше откриен од страна на ЦИА пред неколку недели во Турција. Денеска е изведен пред суд во САД.

Сулејман Абу Геит (фото горе), според неговите застапници, се изјаснува како невин по обвинувањето за заговор за убиство на американски граѓани. Американскиот обвинител Ерик Холдер апсењето на зетот на Осама Бин ладен го означи како најважно во анти-терористичките мерки на САД кои се во тек.

Според обвинението, 47-годишниот Абу Геит е виновен за заговор за убиство на американски граѓани. Нему му се префрла дека со години работел како портпарол и пропагандист на терористичката мрежа Ал Каеда. Тој за Осама Бин Ладен, како што се вели во обвинението, регрутирал воени експерти за обука на терористи во камповите за обука на Ал Каеда. Американското обвинителство тврди дека доказите против Абу Геит содржат и видео и аудио снимки. Обвинителството очекува судскиот процес против зетот на Бин Ладен да трае три недели.

Во 1990-тите радикалниот исламист се борел на страната на муслиманските герилци во Босна и Авганистан. Во рамките на мрежата Ал Каеда тој припаѓал на оние што најмногу се залагале за терористички напад во САД, а потоа во неколку видео пораки ги величал нападите од 11 септември како јуначки дела. Неговата татковина Кувајт, каде како проповедник во џамиите поттикнувал немири против владата, му го одзеде државјанството.

Со фалсификуван пасош зетот на Бин Ладен пред неколку недели од Иран допатувал во Турција. Агенти на тајната американска служба ЦИА го откриле во луксузен хотел во Анкара. Потоа турските власти го ставиле Абу Геит во домашен притвор, но одбиле да го уапсат поради тоа што немал сторено кривично дело во Турција. Турската влада отфрлила и негово протерување во САД поради страв од одмазднички терористички напади. Абу Геит непосредно пред посетата на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери на Турција е протеран во Јордан. Со тоа е запечатена неговата судбина, затоа што Јордан е еден од најблиските сојузници на САД на Блискиот Исток и има блиски контакти со ЦИА. Од Јордан Абу Геит е префрлен во САД.