1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Земјоделците се „коцкаат“ со посевите

Во Македонија ниту два отсто од регистрираните земјоделци не ги осигуруваат своите земјоделски површини. Од вкупно 100 илјади регистрирани, само по околу 1500 годишно купуваат полисi.

Ваквите бројки се загрижувачки и според познавачите главно резултат на недоволната совесност и финансиска немоќ на земјоделците, но и нефлексибилноста на осигурителните компании во земјата.  

Земјоделците се свесни дека за релативно евтини пари што треба да се платат за осигурителна полиса во споредба со вложеното, ризикуваат огромни загуби во случај на елементарни или временски непогоди. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев, за Дојче веле коментира дека станува збор за комплексен проблем во кој клучно е што условите што ги нудат дел од осигурителните компании се‘ уште се неповолни за земјоделците:

Weinanbau in Mazedonien

„На земјоделците им е проблем да купат осигурителна полиса, бидејќи осигурувањето не ги покрива сите штети. На пример од град и поплави се надоместува штета. Но од пожари, смрзнување или пак од суша, премиите не важат. Субвенциите од Владата се поддршка, но тие важат само до 10 хектари вкупна земјоделска површина, односно во зависност од посевот. На пример кај лозјата таа се исплаќа до пет хектари. Земјоделците се свесни дека ризикуваат, но проблемот е што нема понуда за осигурување од секакви појави, што би било еден вид гаранција за нивните посеви и култури“, смета Шаклев.

Со сличен став е и Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци. Освен што полисите не покриваат штети од мразови, суша и пожари, проблем според него е и постапката при утврдување на штетите:

„Осигурителните компании си играат со судбината на земјоделците. Државата учествува со субвенции, но проблем е што кога има штети, земјоделците не учествуваат во процесот на нивно утврдување. Штетата и количината на планираниот род ја утврдуваат проценителите, која е помала од реално насадената. Осигурителите однапред го диктираат приносот. Искуствата се далеку од оние во европските земји. Затоа мислам дека е крајно време експертите за осигурување и оние од аграрот да седнат на заедничка маса и да ги расчистат отворените прашања“, смета Тантаров.

Од агенцијата за супервизија на осигурувањето, вината за ваквата состојба ја лоцираат и во осигурителните компании, бидејќи само четири од вкупно единаесет нудат агросигурување. Во соработка со Асоцијацијата на осигурителни и брокерски друштва, земјоделците на терен ќе се советуваат за потребата и предностите од осигурувањето. Воведувањето на субвенционирање за оваа намена започна во 2009. година. Државата покрива 60% од премијата за површини кои се различно ограничени: кај лозови насади до 5 хектари, градинарски до 2 хектари, тутун до еден, житни култури до 10 хектари. Во зависност од културите, цената за осигурување од хектар се движи од 178денари за тутун, до 918 денари за житни култури. Според податоците на осигурителните компании, најголем дел продадени полиси има во регионот на Кавадарци и Неготино, за лозови насади, односно во Свети Николе за житарици и Ресен за јаболка.