1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Земјите во подем претпочитаат „Made in Germany"

Азиските земји се во подем - и’ се заканува ли на Германија да испадне во „втората лига“ на извозници? Стопанството не е загрижено и во подемот на другите гледа шанси за себе.

Германското извозно стопанство долго време беше незагрозено на челна позиција. Од пред две години има нова ситуација - Кина и САД во меѓувреме продаваат далеку повеќе стоки во странство отколку Германија. Никој не треба поради тоа да се грижи, порачува Антон Бернер, претседател на Сојузното здружение на трговијата на големо, надворешната трговија и на услужните дејности (БГА): „Ние спаѓаме меѓу најголемите профитери на бумот во Азија бележиме пораст во заветрина на азискиот стопански подем“.

Значењето на Европа како пазар за германски производи се’ повеќе опаѓа, наспроти Азија, која е се’ позначајна. Ако тој тренд продолжи со сегашното темпо, во 2040 година ќе се изедначи нивното значење за германското стопанство. „Треба да се радуваме ако стопанскиот потенцијал на пазарите на кои пласираме натамошно се зголемува“. Во иста мера расте и потребата од производи со висок квалитет.

„Ако некој Кинез заработува повеќе, тој ќе може да си купи германски автомобил“, поентира Бернер.

Се очекува 2012 да биде добра година

Побарувачката за германски производи во светот не опаѓа. Така, и покрај должничката криза и падот на конјунктурата, на германските извозници веројатно повторно им претстои рекордна година. Наспроти првичните негативни очекувања, извозот во февруари порасна во однос на јануари за 1,6 проценти, соопшти вчера (10.04.2012) Сојузниот завод за статистика во Визбаден. Вредноста на извозот во февруари достигна 91,3 милијарди и е поголема за 8,6 насто во однос на истиот месец лани.

Таквиот развој веројатно ќе продолжи и во наредните месеци. Антон Бернер очекува извозот на годинава да порасне на вкупна вредност од 1,12 билиони (1120 милијарди) евра - шест проценти повеќе од лани, а увозот да биде со обем од 965 милијарди, односно поголем за седум насто.

Подемот на другите - шанса и за Германија

„Југоисточна и Источна Азија, Латинска Америка и повторно Северна Америка, како и Блискиот Исток, според БГА, имаат добри шанси за стопански пораст. Но, добри се перспективите и на африканскиот континент. Пазарите во подем се речиси неоптоварени од должничката криза и натаму многу инвестираат во технологии на иднината“, проценува Бернер.

Карактеристично за земјите во подем е експлозивниот демографски развој. Поради тоа се неизбежни големи инвестиции во технологии за енергетска ефикасност и за ефективно користење на ресурси, потоа во сообраќајна, градежна и телекомуникациска инфраструктура. Ова се однесува не само на БРИК-државите (Бразил, Русија, Индија и Кина), туку и на „наредните 11“ земји, во кои спаѓаат и Турција, Египет, Индонезија, Иран и Мексико, како и земјите од Западна Африка и од Арапскиот полуостров, богати со суровини.

Опаѓа значењето на Европа

Во земјите во подем се нудат значителни шанси за германското стопанство и кај извозот на услуги, смета претседателот на БГА.

„Особено релевантни се инженерските и ИТ-услужни дејности, области во кои се забележани најуспешни основања на фирми во повоениот период во Германија“, укажува Антон Бернер. Во иднина во земјите во подем, според него, засилено ќе бидат барани и услуги во здравството.

Со оглед на тие факти, не е за чудење што лани уделот на германскиот извоз во земјите на ЕУ опадна од 65 на 59 проценти, а во Европа севкупно од 75 на 71 насто. Особено е висок падот во Грција - 13, односно во Италија 10 проценти. Тоа покажува колкав удел во таквиот развој имаа мерките за штедење и опаѓањето на инвестициите и потрошувачката условено од кризата.