1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Земјите во забрзан подем тешко се враќаат во нормала

Земјите во забрзан подем стенкаат поради падот на вредноста на нивните валути. Виновна за тоа е политиката на американската централна банка, велат тие. Точно, но тоа е само половина од вистината, оценува Ролф Венкел.

Последното нешто што го направи шефот на американската централна банка (ФЕД) Бен Бернанке пред функцијата да ја преземе неговата наследничка Џенет Јелен беше затегање на славината за пари и покрај турбуленциите на валутите на големите земји во забрзан подем. Месечната доза на финансиски инјекции беше намалена за уште десет милијарди долари и сега изнесува 65 милијарди долари. Простор за ваков потег, како што се вели, даде полетот на стопанството во САД и подобрите перспективи на пазарот на работна сила. Сепак, и покрај турбуленциите, ФЕД со ниту еден збор не ја спомена нуждата на земјите во забрзан подем.

А таа нужда беше и е - голема. Таа постоеше уште кога западните централни банки, за да се борат против кризата, ги спуштија каматите на нула или близу нулата. Тоа своевремено доведе до големо прераспоредување на капитал од индустриските земји во земјите во забрзан подем. Тие важеа за носители на надеж на светската економија, сјаеја со големите стапки на пораст и нудеа високи камати во споредба со остатокот од светот.

Секој министер за економија прво се радува кога неговата земја ја сметаат за толку атрактивна што привлекува странски капитал. Тоа ветува инвестиции, пораст и работни места, значи - златни времиња. Но исто како и во медицината, работите секогаш зависат од дозирањето. А тој прилив на пари беше недвосмислено преголем за земјите во забрзан подем. Нивните валути се најдоа под огромен притисок за ревалвација, што го поскапе нивниот извоз, го влоши стопанскиот биланс и поттикна инфлација. Накусо, новите приливи на капитал ги разбуричкаа пазарите на овие земји толку, што на пример бразилскиот министер за финансии зборуваше за војна на валутите и сериозно размислуваше за контрола на протокот на капитал.

Porträt - Rolf Wenkel

Ролф Венкел

Притоа, во никој случај не беа лошите шпекуланти тие што го поттикнаа одливот на капитал од индустриските земји, туку тоа беа банките, осигурувањата, пензиските фондови и други институционални инвеститори кои се постојано во потрага по добивка. И тоа беше Бен Бернанке, кој со својата месечна програма за купување државни обврзници во текот на повеќе години на пазарите испумпа неверојатен износ од четири илјади милијарди долари и со тоа предизвика гигантски одлив на капитал во младите економии во подем.

Сега ФЕД ја подзатвора славината и капиталот почнува да тече во обратна насока - од земјите во забрзан подем кон индустриските земји. Сега земјите во забрзан подем се жалат на пад на вредноста на нивните валути, се жалат дека заедно со капиталот им се одзема и основата за пораст. Притоа, строго земено, се работи само за враќање кон нормала. Една централна банка како ФЕД не може да ги остави каматите на нула и да пумпа и натаму пари ако економијата веќе е на солиден пат на опоравување. Ваква грешка е еднаш веќе направена, на почетокот на новиот милениум и тоа, како што е познато, доведе до американската криза со недвижности, а потоа речиси и до глобален колапс.

ФЕД, во основа, своето напуштање на ултралабавата монетарна политика ја најави пред речиси една година. А и во периодот претходно веќе беа правени подготовки за промени, односно економијата се правеше поотпорна на екстерни влијанија со структурни реформи. Тоа на Кина, Полска, Мексико и Филипини, се чини им успеа. Нивните стапки на инфлација и покрај евтините пари останаа умерени, а билансите релативно урамнотежени. За разлика од Аргентина, Бразил, Јужноафриканската Република, Индија, Индонезија и Турција, кои, поради различни причини, очигледно пропуштија да ги направат своите економии поотпорни. Тоа сега им се одмаздува.

Сепак, има една утеха. Кога прашината од турбуленциите со валутите ќе легне, земјите во забрзан подем брзо ќе сфатат дека валута со ниска вредност и економското опоравување на САД има и предности - за домашната извозна индустрија, за билансот, за стабилноста на валутата. Тоа исто така ќе помогне за враќање кон нормала.