1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Земан и формално нов претседател на Чешка

Поранешниот премиер, кој по 10 годишна пауза се врати на политичката сцена, вети дека ќе работи во интерес на сите граѓани и на смирување на политичката сцена

Поранешниот социјалдемократски премиер Милош Земан денеска положи свечена заклетва во прашкиот претседателски замок Храдчани и го започна петгодишниот мандат како трет претседател на самостојна Чешка и прв кој беше директно избран со гласовите на чешките граѓани.

За 68-годишниот економист, повеќе од либерална, отколку социјалдемократска ориентација, кој заедно со претходниците на функцијата Вацлав Хавел и Вацлав Клаус, спаѓа во политичарите кои и‘ дадоа најсилен печат на транзицијата на Чешка, ова е големо враќање од 10 годишната политичка пензија.

Неговите симпатизери, но и противниците се надеваат дека Земан ќе биде претседател на сите граѓани, со поголема желба да слуша и поинакво мислење за разлика од неговиот претходник, евроскептикот Вацлав Клаус.

„Сакам да бидам претседател на сите граѓани“, рече Земан, заблагодарувајќи им се и на оние кои гласаа за неговиот противкандидат, шефот на дипломатијата Карел Шварценберг, бидејќи активно ја исполнија својата граѓанска должност да гласаат.

„Мојата прва цел е стабилизација и смирување на политичката сцена“, рече новиот претседател на Чешка.