1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Зелено светло за ЕСМ

Постојаниот фонд за спас - ЕСМ, не ги крши темелните договoри на ЕУ - пресуди денеска (27.11) Европскиот суд во Луксембург.

„Правото на Унијата не е во спротивност со донесувањето и ратификацијата на Договорот за создавање на ЕСМ од страна на земјите чија валута е еврото“, пресуди денеска Европскиот суд во Луксмебург. Тоа значи дека Постојаниот фонд за спас, тежок милијарди евра, кој треба да им помага на земјите во криза, не ја повредува забраната за гаранции, според која една држава не смее да гарантира за финансиските обврски на друга држава.

Тужбата против ЕСМ пред највисокиот суд во својата земја ја поднесе ирскиот пратеник Томас Прингл. Тој смета дека ЕСМ го крши европскиот договор, поради тоа што со него државите би биле принудени да ставаат на располагање милијарди евра за спас на државите во криза или на банките. Ирскиот суд ја отфрли тужбата на Прингл, но исто така и го префрли случајот во Европскиот суд во Луксембург.

Според Европскиот суд, ЕУ-договорот не забранува земјите да си пружаат финансиска поддршка. Сепак, земјата примател на помош за возврат мора солидно да стопанисува. Освен тоа, земјите кои се дел од ЕСМ воопшто не гарантираат за долговите на другите земји.

ЕСМ стапи во сила официјално на 8 октомври годинава. Тој на евро-државите може да им даде помош во висина до 500 милијарди евра. Постепено, износот со кој ќе располага Фондот треба да се зголеми на 700 милијарди евра. Од нив 80 милијарди се пари во готово, а останиот дел се гаранции.