1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Здружување на енергетскиот сектор на Балканот

Денеска во Виена министрите за енергетика на девет земји од Југоисточна Европа ќе го отворат новиот заеднички секретаријат.Ова е прв чекор во остварувањето на проектот на чиј крај треба да биде создаден заеднички енергетски пазар на овие земји со ЕУ.

Ново поврзување на далеководи

Ново поврзување на далеководи

Амбициозната цел на деветте земји од Југоисточна Европа треба да биде остварена до 2008-та година. Секако тие треба претходно да ги усвојат и важечките европски норми и правила за подрачјето на енергетиката. Портпаролот на генералната дирекција „енергија и сообраќај„ во Брисел, Феран Тарадељас Еспуни вели:

„За овие земји тоа е нешто како мала ЕУ, како ЕУ на полето на енергијата.„

Деветте земји треба до крајот на овој месец да го ратификуваат договорот за создавање заеднички енергетски пазар. Неговото создавање е предвидено да се реализира постепено. Претходно треба да се спроведат низа мерки, пред да дојде до потполно либерализирање и приватизирање на енергетскиот пазар:

„Во договорот стои во принцип дека треба да се зголеми ефикасноста, што значи зградите треба да се изолираат, а енергетската инфраструктура да се подобри. Исто така треба да се користат повеќе обновливи извори на енергија. Треба да се води сметка и за загадувањето на човековата околина и да се преземат мерки против затоплувањето на глобалната клима„ – појаснува Паул Рибиг, пратеник на народната партија во Европскиот парламент.

Новиот секретаријат што денеска се основа во Виена треба да ги контролира и координира предвидените активности, како и да помогне во создавањето еден вид Совет на министри со претставници на земјите од регионот, како и од Европската комисија. Тие треба да се среќаваат еднаш годишно и да ги договараат мерките и задачите за чие извршување се проценува дека ќе бидат потребни 20 милијарди евра. Една милијарда веќе дојде директно од Светската банка.

Значи либерализацијата на енергетските пазари во регионот е договорена, но повеќе земји се‘ уште имаат главоболки околу овој процес. Така владата на Македонија во 2005-та најави либерализација на енергетскиот пазар, но земјата не сака да се откаже од овој контролата врз овој дел на стопанството, што до сега беше под државен монопол. Слична е состојбата и во другите земји. Во сите девет се очекува и покачување на цената на електричната енергија. Цените како 3,5 цента по киловат ќе му припаѓаат дефинитвно на минатото. Но, овој ефект од приватизацијата на енергетскиот пазар веројатно ќе се избалансира и со зголемената конкуренција, што по обичај води и кон намалување на цените.