1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

„Здрава економија ќе ги турне во втор план етничките тензии„

Интервју на уредникот на македонската програма на Дојче веле, Нада Штајнман со експертот за Балканот и соработник во Институтот за Југоисточна Европа во Солун, Јенс Ројтер

Македонскиот бисер - Охрид

Македонскиот бисер - Охрид

Комуналните избори од неделата беа оценувани како тест за демократската зрелост на граѓаните во Македонија. Изборите покажаа дека можат да издржат ваков испит. Дали Вие господин Ројтер тоа го сметате за успех?

Пред се мислам дека е успех учеството на изборите од околу 55 насто. Тоа за комунални избори е добро. Друга работа е тоа што сега има нов закон за територијална организација во Македонија и според него општините, значи градоначалниците имаат многу поголеми овластувања односно финансиски средства од порано, што ја подига вредноста на овие избори кои не беа толку неполитички, како на пример во Западна Европа. И ми се чини дека тоа е многу важно. Изборите минаа добро, со исклучок на помали инциденти и немаше значителни попречувања. Нешто што не може да биде поинаку е дека изборите минаа според национален клуч, што значи дека еден Албанец избира еден од претставниците понудени од албанските партии, а јасно е дека еден Македонец нема да избере некого од албанска партија. Значи нема групации што ќе ги прескокнат овие пречки или дури да ги пробијат.

Како што самите рековте, новите општини ќе добијат повеќе права. Дали Македонија воопшто има капацитети и свест за новите задачи во самоуправувањето на општините?

Тоа ќе биде тешка задача, како и да се најдат потребните стручњаци, и тоа посебно ќе се одрази врз оние општини во кои Албанците се етничко мнозинство. Таму ќе биде уште потешко да се најдат потребните кадри за управата и за новите општински задачи, кои ќе се грижат за тоа тие задачи добро да бидат завршени. Мора да се забалежи дека уште пред овие избори некои критичари рекоа оти оваа нова територијална организација значи нова поделба на Македонија, односно дека практично западните подрачја во земјата со албанско население како мнозинство уште повеќе ќе можат да прават политика што ја разбираат како интерес на Албанците што живеат таму, а помалку како политика што ќе биде ориентирана кон целокупната македонска држава.

Дали резултатот од изборите е толку успешен што може да се рече дека процесот на децентрализација добро се спроведува и дали тоа значи дека Охридскиот договор конечно ќе може да се третира за исполнет?

Најнапред морам да кажам дека исходот на изборите повеќе може да се насетува, отколку да се знае, зашто се избрани само оние кои во првиот круг добија повеќе од 50 насто од гласовите. Сите други мораат уште еднаш да се појават во вториот круг, така што засега имаме само тренд. Овој тренд се чини, покажува политичко статус кво. Владејачката коалиција главно ја потврди својата политичка позиција, иако во главниот град Скопје мораше да прифати неуспех каде што кандидатот Трифун Костовски, кому му е блиско ВМРО, веројатно ќе биде победник, дури и да има втор круг.

Сега на Косово Албанците се мнозинство, а српското малцинство има се помалку права. Македонците во сопствената земја во која се мнозинство, имаат големи страхувања дека може да се случи истото. Во предизборјето имаше говори дека ќе дојде до реваншизам во оние општини во кои Албанците сега го сочинуваат мнозинството. Дали може нешто такво да се случи и во Македонија?

Секако го има тоа и затоа мора да се каже нешто во принцип. Ако се погледаат медиумите: дали се тоа радијата, телевизиите или електронските и печатените медиуми, тогаш постојано се наидува на тоа дека овие медиуми се со силни етнички белези во кои се изнесуваат етнички определени мислења. Така, Словенските Македонци насекаде каде што живеат како малцинство се обземени од етнички страхувања кои се стари со децении. Македонците гледаат дека нивните албански сограѓани имаат многу повеќе деца и дека се појавуваат се повеќе Албанци од Косово што доаѓаат како доселеници и затоа имаат чувство дека, ете ’нашата Македонија во која живееме се повеќе се албанизира’ во таа смисла што албанското население се повеќе расте. Секако, во овие избори ваквите страхувања беа искажувани. Обратно, од албанска страна, во нивните медиуми беа изнесувани национални, односно националистички тонови, сето со обид да се добијат гласови. Тоа не изостана ни овојпат, но мора да се каже дека сето се одвиваше во извесни граници и не дојде до некои ексцеси во тој поглед.

Овие, но и други проблеми постојано ја доведуваат во прашање македонската држава, као на пример, прашањето за името, симболите и така натаму. Со оглед на тоа што постојано престојувате во Грција, уште и прашањето колку се напреднати прегвоорите по прашањето на името?

За првото прашање: мислам дека тие национални проблеми, што значи меѓуетничката затегнатост меѓу Албанците и Македонците, се разбира дека се еден дестабилизирачки елемент за македонската држава и за жал тоа така и ќе остане, значи одвај да ќе се променат или подобрат. Но, притоа оптиката не смее премногу да се насочи кон тие етнички проблеми на земјата, туку мора да се каже дека има и висока невработеност – 30 проценти од работоспособното население се без работа, има еден релативно низок животен стандард, со просечна месечна плата од околу 200 долари. Тоа се исто така дестабилизирачки елементи и јас овде можам да ја изнесам и тезата дека ако македонската економија заздрави, и ако се подобри животниот стандард, тогаш тие етнички проблеми би играле помала улога. Но, познато е и од другите области и земји од овој регион, секогаш кога економската ситуација е тешка, тогаш се влошуваат и етничките проблеми.

Што се оеднесува до спорот со името меѓу Македонија и Грција, мислам дека во меѓувреме во Грција има една сепак многу пореална проценка на ситуацијата што значи дека одговорните политичари знаат дека веќе не можат да изнудат решение во тој спор, откако САД го признаа името Република Македонија. Се знае се разбира и дека тие разговори со посредство на пратеникот на ОН Метју Нимиц што се одржуваат во Њујорк, ќе останат без резултат. Тие разговори се водат од две несврзливи позиции, со тоа што македонската страна вели ’Ние единствено го прифаќаме нашето уставно име Република Македонија’, а грчката страна постојано прави други предлози, кои многу често и поради должината на името се целосно непрактични, но кои едноставно не можат да бидат база за согласност и затоа што мислам дека освен името Република Македонија, од Скопје нема ништо друго да биде прифатено. Во Грција имаме и ситуација дека сепак има многу граѓани, токму овде во северниот дел на земјата, кои се некако огорчени од чекорот на Вашингтон со признавањето на тоа име, кои од грчката влада и грчките политичари очекуваат да кренат уште малку врева по прашањето за името и да го артикулираат незадоволството што многумина го чувствуваат. Политичарите тоа и го прават зашто не сакаат практично да ја загубат поддршката од своите избирачи, но во основа тоа е во одредена мера неволно зашто сосем точно знаат дека во ова прашање не може да има решение кое би ги задоволило Грците, со тоа што би било кажано ’Ќе направиме ново име составено од 4 компоненти‘, значи нешто што е сосем нереално. Овде нема решение и тоа го знаат и луѓето што одат на преговарачката маса во Њујорк, тоа го знае и посредникот Метју Нимиц, но и покрај тоа ги водат преговорите, затоа што тоа го сакаат Американците“.