1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Зголемување на воениот буџет

Денеска во Пекинг заврши националниот конгрес. Централни теми беа социјалата, но и зголемувањето на воените трошоци.

Националниот конгрес заврши во целосна хармонија

Националниот конгрес заврши во целосна хармонија

Скоро 3 илјади делегати како што е вообичаено, ги усвоија плановите на владата. Никогаш досега таквите извештаи и не биле одбиени. Главна цел на кинеската влада во наредните години е растежот на земјоделските подрачја. Место да се инвестира во развојот на градовите и економските зони, овојпат со огромни суми треба да се помага земјоделството, потврди премиерот Вен Џијабао:

„Растежот на новите социјалистички земјоделски подрачја значи дека на земјоделството му се дава важно место во нашата агенда. Мораме да ја охрабриме индустријата да му помага на земјоделството, а градовите да ги помагаат селата. Тоа ќе ја засили модернизацијата на земјоделските подрачја„.

Во Кина во селата живеат 800 милиони луѓе, 200 милиони од нив дневно минуваат со помалку од еден долар. Се почесто има бунтувања против нерамноправната распределба, против корупцијата и против се повеќе загрозената екологија.

Кинескиот парламент на последната седница усвои и буџет со кој се предвидува пораст на воените издатоци од 15 насто. Зголемување што е огромно и зад што стојат најновите затегнатости. Откако претседателот на Тајван Чен Шуибијан го замрзна советот за повторно обединување, во Пекинг одново се мафта со сабји. Премиерот Џијабао на прес конференцијата упати предупредување:

„Многу внимателно го посматраме развојот. Ние сме подготвени за можен судир. Меѓутоа, ќе продолжиме да работиме на тоа да се постигне мирно обединување„.

Тема за примерот беше и меѓународно критикуваната интернет цензура во Кина. 110 милиони Кинези во меѓувреме се онлајн. Меѓутоа, оној што во Кина испраќа критики преку интеренет, ризикува затвор. Организацијата за човекови права „Амнести интернешенел„ проценува дека најмалку 50 интернет дисиденти се наоѓаат в затвор. За тоа премиерот не зборуваше:

„Според кинескиот устав секој граѓанин има право и слобода да користи интернет. Истовремено, меѓутоа, сите граѓани треба да бидат свесни дека треба да ги почитуваат законите. Тие мораат да ги чуваат националните и социјалните интереси.

Од 2001 година како голем прекршок се смета во мрежата да се пуштаат текстови што ја загрозуваат државната безбедност. Кои се тие текстови определува владата.