1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Зголемено насилството од десните екстремисти

Министерот за внатрешни работи на Германија е алaрмиран. Минатата година е регистрирано натамошно покачувања на десничарските кривични и насилни акти во земјата. Пред се’ готовноста да се примени насилство е се’поголема.

„Кај неонацистите постои насилен потенцијал кој не смееме да го занемариме. Ме вознемирува тоа што прагот да се примени насилство се’ повеќе се намалува“, рече германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих за весникот „Тагесшпигел ам Зонтаг“.

Според првичните бројки, во 2012 година се отсликува зголемување на насилните деликти од два процента во споредба со претходната година. Фридрих не наведе точни бројки. Кај политички мотивираните десничарски казнени дела било регистрирано покачување од четири проценти на околу 17.600 дела, вели министерот.

Тој најави дека со колегите на покраинско ниво ќе разговараат за појавата на десноекстремистичкото насилство. Ова мора да биде тема на конференцијата на министрите за внатрешни работи, одлучен е министерот. Во овој конктекст тој укажа на тројното убиство извршено од еден неонацист во 2003 година во Оверат, крај Келн. Судот во пресудата наведува дека националсоцијалистичките ставови на сторителот влијалеле при извршување на делото. Сепак, полицијата во покраината Северна Рајна Вестфалија досега не го категоризира случајот како смртоносно злосторство со десноекстремистички побуди, информира „Тагесшпигел“.

Германската влада, според извештајот, регистрирала 63 смртни случаи, последица на десно мотивирано насилство. Според истражувањата на „Тагесшпигел“ и неделникот „Ди Цајт“, од повторното обединување на Германија најмалку 152 луѓе биле убиени од неонацисти или други десничарско ориентирани сторители.