1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Звукот на оружјето се’ посилен на Корејскиот Полуостров

Звукот на оружјето е се’ посилен на Корејскиот Полуостров, по најновите закани од комунистичкиот север. Во пресрет на најавените воени вежби на САД и Јужна Кореја, од Пјонгјанг порачуваат дека се подготвени за војна.

default

Заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја планирани за претстојниот викенд ќе ги доведат двете Кореји поблиску до војна, предупреди утрово комунистичкиот Пјонгјанг, откако пред три дена Северот гранатираше цели на еден јужнокорејски остров. САД, во заливот во Жолтото море на поморската граница меѓу двете земји го испрати носачот на авионот Џорџ Вашингтон, чие учество е предвидено на вежбите, кои според Сеул и Вашингтон имаат одбранбен карактер.

Утрово жителите на пограничните села во Јужна Кореја повторно ги разбудија експлозии на гранати, кои според властите во Сеул биле испукани за време на воена вежба кај комунистичкиот сосед. Овие гаѓања не се насочени против Јужна Кореја и „убедени сме дека станува збор само за рутински вежби на севернокорејска територија“, изјави во Сеул армискиот портпарол. „Состојбата на Корејскиот Полуостров се приближува кон војна, чекор по чекор. Минаа времињата кога беа доволно вербални предупредувања. Армијата и народот на Северна Кореја се многу гневни и се подготвени да испорачаат дожд од смртоносен оган“, наведува Пјонгјанг преку својата новинска агенција.

Егзодус од Јонпјонг

За првпат од крајот на Корејската војна во 1953 година, во вторникот, Северна Кореја нападна цивилна област на југот на полуостровот. Загинаа четири лица, а 20-ина беа ранети. Вчера јужнокорејската армија за првпат им дозволи на новинарите да го посетат островот Јонпјонг. „Токму овде падна една од гранатите. Мојата куќа веднаш беше уништена. Јас седев тука во близина“, вели еден жител.

Korea / Südkorea / Nordkorea / Angriff

Ретко населеното место сега е речиси испразнето, а според агенциите, денеска уште еден нов, голем бран бегалци заминале од своите домови по последната серија закани од Пјонгјанг. Оние што останале ги бројат штетите. „Ние повеќе не смееме да бидеме заплашувани. Ние мора да се обединиме и да возвратиме со сила“, вели еден човек.

Државното раководство во Јужна Кореја е на мета на критиките во земјата откако одлучи да бара дипломатско решение за проблемот. Министерот за одбрана во меѓувреме поднесе оставка, а на негово место, денеска беше именуван поранешен армиски генерал, што можеби и говори во прилог на најавите дека е можно заострување на курсот на Сеул кон комунистичкиот сосед. Јужнокорејскиот претседател Ли Мјунг Бак нареди да се зајакне одбраната на островите во Жолтото море и испрати 4 илјади војници со најсовремено вооружување.

Автор: БГ/ СН/ афп/ дв

Редактор: Александра Трајковска