1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Зборот на спортските новинарски доајени

Промовирани се лауреатите на наградата 13 ноември на Скопје. Посебно место меѓу наградените имаа Миодраг Мицковиќ и Зоран Михајлов, доајени на македонското спортско новинарство, кои го добија признанието за животно дело.

Точно 5 децении името на Миодраг Мицковиќ е присутно во македонското спортско новинарство.Од далечната 1962 година е едно од најреспектираните спортски пера на весникот „Нова Македонија“, за подоцна, својот новинарски опус го гради и на странаците на „Утрински весник“:

„Оваа награда многу ми значи. Ми дава нов елан дури и сега, кога сум во пензија. Со истиот новинарски жар да продолжам да пишувам, бидејќи спортот е неисцрпна тема! Чувствувам дека и натаму, има зошто и има и за кого да се пишува.“

Зоран Михајлов наскоро ќе го заокружи 5 деценискиот свој новинарски труд. Започна во 1964 година, исто така на страниците на „Нова Македонија“, но со вистинска новинарска афирмација се здоби „во дресот“ на спортската програма на Македонската телевизија.Од почетокот на 70-те години го градеше својот препознатлив коментаторски стил:

„Ова е еден од моментите, кој го заокружуваат мојот професионален новинарски опус. Но,го чувствувам како признание за бројните мои ангажмани и во спортските организации во изминатите години. Признание, кое разнежнува, кое поттикнува нов работен ентузијазам.“

Недоволно се вложува во македонскиот спорт

Sportjournalist Miodrag Mickovic Mazedonien

Миодраг Мицковиќ

Двајцата лауреати во младоста беа и активни спортисти. Мицковиќ беше успешен ракометен голман,а Михајлов афирмиран атлетичар, тркач на средни патеки. Спортот и денес е нивната секојдневна преокупација:

„Мислам дека македонскиот спорт може да постигнува подобри резултати. Потребно е само поголемо вложување.Треба да се направи некава селекција,спортовите во кои имаме повеќе шанси за успех, да добијат приоритет. Важно е да се инвестира повеќе во тренерскиот кадар и особено во младата популација, која претставува спортска иднина“, вели Миодраг Мицковиќ.

Зоран Михајлов зборува за проблемот, кој од осамостојувањето на Македонија, хронично се провлекува во спортот:

„Се прават напори, но мислам дека се’ уште не е достигнато потребното резултатско ниво. Со години финансиите го тиштат македонскиот спорт. Никако да се решат, а тие се основа за се, без нив не може да се спортува.Тука мора нешто да се промени,за да може спортот подобро да егзистира и да појде напред.“

Дали во Македонија има врвен спорт или пак поприкладно е да се зборува за спорт, кој само на моменти има високи дострели?

„Далеку сме од врвниот спорт. Сепак ме радува што почнува да се слуша за Македонија. 4-то место на кошаркарите и 5-то место на ракометарите на двете последни Европски првенства, никого не го оставија рамнодушен. Тука се и ракометарите на „Металург“, кои играат се позначајна улога во Европските купови. Со малку поголемо внимание од страна на сите инволвирани во спортот, верувам во поголем резултатски прогрес.“, истакнува Мицковиќ.

За Михајлов, огледало на вложувањата на државата во спортот е скромното учество и настап на македонските спортисти на Олимписките игри во Лондон:

Sportreporter Zoran Mihajlov Mazedonien

Зоран Михајлов

„Показател за состојбите е Олимпијадата во Лондон. Македонија немаше спортист или екипа со исполнета норма, туку обезбеди учество со покана или со вајлд-карта!Со тоа се е речено! Очигледно, далеку сме од врвниот спорт, иако потенцијал постои. За жал, талентите минуваат крај нас, без да им се посвети соодветно внимание. Последните резултати на кошаркарите и на ракометарите се плод на талентираноста, на големата нивна желба и борбеност, но тоа не е плод на резултаттски континуитет.“

Спортското новинарство е подложено на притисоци

Неизбежна тема е и спортското новинарство во Македонија:

„Тажно е да се зборува за квалитетот, особено во печатените медиуми. Во последниве години како да исчезнува вистинското спортско новинарство. Подложено е на големи притисоци. Се појавуваат приватни весници, па новинарите „размислуваат“ што и како да се напишат. Има и политички влијанија врз новинарите, што многу ми пречи.“

Михајлов се осврнува врз состојбата на спортските програми во електронските медиуми:

„И во електронските медиуми се чувствува притисокот од сопствениците на приватните телевизии, па новинарот не секогаш може да го изрази тоа што го мисли. Оние што финансираат треба да сфатат дека спортското новинарство е нешто посебно, дека е изложено на ветрометина и мора да биде објективно.“, заклучува Зоран Михајлов.