1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Зборови без дела - ЕУ самит и за бегалска политика

Претседателите или премиерите на 28-те земји-членки на ЕУ денеска и утре (24 и 25.10.) се среќаваат во Брисел. По бегалската катастрофа кај Лампедуза критичарите бараат преиспитување на политиката за азил на ЕУ.

Во својата покана за самитот на ЕУ претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој темата „бегалски бранови на југот од Европа“ ја спомена само накратко. Исто така и во нацрт-заклучоците, кои се веќе достапни, трагедијата во Средоземното Море е сосема малку спомената.

За италијанскиот премиер Енрико Лета тоа не е доволно. По стотиците удавени бегалци во близина на Лампедуза само овој месец, Лета сака да им предложи на шефовите на држави или влади да ја преиспитаат распределбата на бегалците во Европа.

Symbolbild afrikanische Flüchtlinge im Mittelmeer

Бегалската политика ќе биде дел од самитот во Брисел

„Имаме одредени земји, кои се на наша страна. Други земји на ова гледаат поинаку од нас. Затоа мораме на европско ниво да постигнеме голем консензус и тоа во 2014 година, кога Грција и Италија како претседавачи со Советот на ЕУ ќе работат на тоа заедно со Европската комисија и Советот на министри“, изјави Лета. Тој тоа го најави една недела по последната катастрофа кај Лампедуза, за време на неговата заедничка посета со претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, на овој италијански остров во близина на северноафриканскиот брег.

Европа не смее да замижува

Германија и други земји од Северот за време на ЕУ самитот ќе нагласат дека процедурите за азил беа одново регулирани летово. Тие сметаат дека не треба да се менува таканаречениот „Даблин 2-принцип“, според кој бегалците се враќаат во земјата во која за првпат стапнале на територијата на ЕУ.

Извори од германската влада објавија дека пред самитот на ЕУ работна група од претставници од ЕУ и министри денеска за првпат ќе се сретне и ќе расправа за подобро спасување во морски несреќи, како и за потесна соработка со земјите од кои потекнуваат бегалците. Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, вчера (23.10.) во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур тој побара поголем ангажман на шефовите на држави или влади.

„Се надевам дека Европскиот совет ќе го поплочи патот за поголема заедничка одговорност и управување со мигрантската политика на европско ниво“, рече Баросо, кој смета дополни дека нема да се случат чуда или, пак, да се најдат брзи решенија. „Проблемот е толку голем, што ни требаат посилни мерки за да можеме да спасиме животи“, додаде тој.

Italien EU Flüchtlinge Barroso und Letta auf Lampedusa Pressekonferenz

Баросо и Лета бараат помош од Европа

Претседателот на Европскиот парламент, германскиот социјалдемократ Мартин Шулц, во повеќе интервјуа побара Германија да прифати повеќе бегалци и мигранти, кои преку Средоземното Море доаѓаат во Европа. Сојузната германска влада секогаш укажува дека Германија споредено со Италија прифаќа многу повеќе баратели на азил по глава на жител.

Дискусии, но не и одлуки за економската политика

Конкретни одлуки за бегалската проблематика, според проценки на германски дипломати на самитот, се очекуваат исто толку малку како и за подобра координација во економската политика на ЕУ. Германија залага за тоа земјите-членки да склучат договори со Европската комисија, со кои тие ќе се обврзат на реформи и на поголема економска конкурентност. Но, кризните земји на ова гледаат критички и не сакаат да се најдат под каква било дополнителна контрола. Од пред две години Европската комисија смее да дава препораки за подобра економска политика во секоја земја. Но, Комисијата со жалење констатира дека само десет проценти од нејзините препораки се всушност и применети. Претседателот на Европската комисија се залага шефовите на државите или владите да се согласат на заеднички надзор на банкарската унија на 130-те најважни банки во еврозоната. Министрите за финансии и натаму спорат за тоа кој би требал да плати за спасувањето во кризен случај или, пак, за надзорот на банките.

Европските лидери се сепак согласни дека на Европа и’ е потребен заеднички пазар за дигитална економија, телекомуникации и интернет услуги, за што исто така ќе се расправа на дводневниот самит.