1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Збогување со фудбалот

Ѓорѓи Христов, едно од најпознатите имиња во македонскиот фудбал, без помпезност го заврши активното играње. Во Битола ја финансира пионерската школа, која опстојува подолго време.

default

Ѓорѓи Христов

Во раните 90-ти македонски фудбалски години, блесна големиот талент-Ѓорѓи Христов, тинејџер во школата на фудбалот на Пелистер, се издвојуваше од своите врсници со вродената способност да постигнува голови. Не можеше, а да не направи кариера на центарфор!

Без помпезност годинава го заврши активното играње. Христов, денеска, 34 годишен е едно од најпочитуваните имиња на македонскиот фудбал.

„По 16, 17 години, играјќи низ девет различни европски лиги, мислам дека е доста. Време е да се заврши една животна приказна поврзана со фудбалот.“

Животната приказна на Христов е пребогата со случувања. Беше гол - јуришник во десетина различни клубови. По Пелистер, стана миленик на фановите на белградски Партизан, беше прв Македонец во англиската Премиер лига во Барнсли, играше во Холандија, во Шкотска, заврши во Финска.

„И ден денес имам многу убави спомени поврзани со почетоците во својот матичен клуб Пелистер во Битола, како и за Партизан. Фактот што бев првиот Македонец што заигра во Премиер лигата, и петте години одиграни во Холандија, посебно ме прават среќен и горд. Можам слободно да кажам дека задоволен сум од она што го постигнав.“

Fußball Ball Spieler

Гордост при носењето на националниот дрес

Една деценија Христов беше незаменлив и во репрезентацијата на Македонија. До неодамна беше на врвот на листата со најмногу постигнати голови. Со многу чувство зборува за носењето на македонскиот дрес.

„Периодот од 1995 до 2005 година играв за дресот кој ми е најдраг – за репрезентативниот. 10 години, 48 настапи, 17 голови, секој натпревар посебна приказна, без разлика дали е на домашен или на гостински терен. Имаше и убави и тажни моменти, особено во 90-тите години кога се создаваше и фудбалската репрезентација и нашата независна држава. Тое се убави спомени.“

За македонската репрезентација денеска Христов вели дека има квалитет, а изостанува потемелна нејзина поддршка.

„Оваа репрезентација има квалитет, ги има Пандев и Новески кои се главни играчи во големи лиги. Мислам дека недостасува добра атмосфера. Јас сум надвор од тие случувања, но не треба човек да биде стручен за да види дека нешто се случува .“

Ѓорѓи Христов останува во фудбалот. Довчерашниот миленик на младите, токму во младите ја гледа својата натамошна професионална ориентација, својата иднина низ работата со деца - почетници во фудбалот. Во Битола веќе подолго опстојува пионерската школа, која тој ја финансира. Кога би имало повеќемина да го следат неговиот пример!

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска