1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Збогување со големиот Јуп Хајнкес

Јуп Хајнкес неодамна од клупата на Бајерн го водеше својот последен натпревар во Бундеслигата. По 48 години активен фудбалски ангажман тој се повлекува. Коментар на Тобиас Елмајер.

На конференцијата за печат Јуп Хајнкес мораше да се бори со солзите. Со „кнедла во грлото“ им се заблагодари на навивачите на Борусија Менхенгладбах (неговиот матичен клуб) за прекрасното испраќање кое му го приредија. „Тоа покажа дека ова е мојот дом“, изјави Хајнкес додека новинарите со аплауз го поздравуваа. Навивачите на Борусија истакнаа голем број транспаренти со кои го испратија својот некогашен играч и тренер. Други тренери во минатото во Менхенгладбах добиваа свирежи и епитет на предавници, но не и Хајнкес.

Хајнкес остави длабока трага во Бундеслигата во своите 1011 натпревари како играч и тренер. Како играч важеше за извонредно амбициозен, но и како тренер

Trainer Jupp Heynckes 1989

Прослава на првата титула со Бајерн Минхен во 1989 година

не успеваше да го скрие својот внатрешен немир. Целото негово лице се зацрвенува кога е возбуден, па затоа и го доби прекарот „Озрам“- според истоимената фабрика за производство на светилки. Првите титули во Бундеслигата ги освои уште во 1989 година, но за Хајнкес се покажа како среќна околност тоа што баварскиот гигант го отпушти и покрај успесите. Продолжи со ангажмани во Португалија и Шпанија, а врв на дотогашната кариера му беше освојувањето на Лигата на шампионите со Реал Мадрид во 1998 година.

Низ тој ангажман стекна самодоверба и опуштеност која му помогна во подоцнежните години од кариерата. Следуваше едно кратко враќање во Бајерн, при кое успеа да ја спаси сезоната на баварците и да им обезбеди пласман во Лигата на Шампионите, а потоа продолжи во Бајер Леверкузен. И со овој тим, кој дотогаш се наоѓаше во голема криза, успеа да избори пласман во Лигата на шампионите и да го врати во врвот на германскиот фудбал. Следуваше третото, последно враќање во Бајерн Минхен, кое може да се опише и како врв на неговата тренерска кариера. Од скапиот збир на ѕвезди од целиот свет, Хајнкес успеа да создаде вистински тим кој годинава го достигна својот зенит со убедливото освојување на титулата во Бундеслигата и пласманот во финалето на Лигата на шампионите. На играчите на Бајерн им влеа борбен дух, а притоа изгради ретко атрактивна игра.

Trainer Jupp Heynckes gewinnt mit Real Madrid

На „врвот“ на Европа со Реал Мадрид во 1998 година

Покрај сите успеси, остана скромен, тивок и полн со самодоверба. Без оглед дали Бајерн до крајот на сезоната ќе се закити со титулите во Лигата на Шампионите и во германскиот Куп, 68-годишниот Хајнкес веќе сега е еден од најголемите тренери во историјата на земјата.

Управата на Бајерн одлучи да го замени Хајнкес со далеку помладиот Пеп Гвардиола-големо тренерско име кој ги освои сите можни титули со Барселона. На Шпанецот нема да му биде лесно да го подигне Бајерн на уште повисоко ниво, пред се на човечки план. Зад Јуп Хајнкес ќе остане голема празнина.