1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

За што штрајкуваат студентите и учениците во Германија?

Учениците и студентите во Германија - во штрајк поради лошите состојби во образовниот систем. Здруженијата на ученици и студенти го крстија: „Прв се’државен штрајк за образованието.“

default

Против „сеништето“ на образованието

Зенитот на протестните акции беше во средината на минатата недела, кога на митинзите во повеќе од осумдесет германски градови учествуваа преку 240.000 ученици и студенти. Мотото притоа беше: „Пари за образованието, наместо за банките.“

„Комерцбанк добива пари и пари, што ни‘ требаат нам, за образованието. Тие пари се одземаат од нас и не само тоа, туку уште бараат пари и од нас“, вели Крис, 24-годишен студент по социјална економија на Универзитетот во Хамбург.

Петнаесетгодишната ученичка Козима додава: „Лично мислам дека банките и нивните менаџери заработуваат толку многу пари, тоа не го разбирам. Фудбалерите исто. Мислам дека дел од тие пари би можеле да одат во образованието...“

Bildungsprotest in Gießen

И помладите ученици се вклучија во штрајкот за подобри услови во образованието

Поддршка за подобри услови во образованието студентите и учениците добија и од професорите и наставниците, кои делумно им се приклучија на протестните собири: „Бараме повеќе пари за образованието, повеќе наставен кадар, подобра инфраструктура на универзитетите и бараме втора болоњска реформа.“

Повеќе материјал за покусо време

Болоњската реформа, договорена на европско ниво, беше најдоследно и најстрого спроведена во Германија. Со неа се раздвојуваат студиите со диплома на ниво на бачелор, од оние со диплома за магистер на науки. Проблемот е во тоа што бачелор студиите, кои траат само три години, се пренатрупани со содржините од старите магистерски студии и затоа студентите, преоптоварени со многу материјал за кратко време, многу почесто ги прекинуваат студиите.

Министерката за образование, Анете Шаван, има поинаков став: „Кој штрајкува, мора да се соочи со фактите. Дел од целите се застарени, зашто повлекувањето на поделбата на студиите на бачелор и магистер е неизводливо. Германија е дел од европскиот образовен процес.“

Политиката „кулира“

Тоа што германските студенти и средношколци така масовно излегоа на улица се чини не ги засегна многу политичарите во земјата. Ниту еден од надлежните министри за образование на покраинските влади, во чија надлежност всушност се наоѓа образовниот процес, не се огласи со изјава или реакција.

Deutschland Bildung Qualifizierungsinitiative Bildungsministerin Annette Schavan

Министерката за образование, Анете Шаван

Изјавата на сојузната министерка Анете Шаван остана некаков осамен глас, а и таа не наликуваше на израз на разбирање за барањата на учениците и студентите. Таа само ја префрли одговорноста врз наставниците и универзитетските професори - како што тоа го прават со години нејзините колеги од политиката.

Кој ги штити интересите на учениците и студентите?

Студентите и учениците, пак, очигледно се освестија дека нивните интереси не ги штити никој и дека во споредба со силните лобистички групи на финансиската бранша или на фармацевтската индустрија, немаат шанси кога е во прашање заострената борба за прераспределба на се’ поскудните финансиски ресурси. Затоа и се одлучија на масовни протести на улица, затоа што нема кому да му се обратат: „Излегуваме на улица затоа што бараме поголемо право на соодлучување, сакаме да учествуваме во донесувањето на одлуките што се однесуваат на училиштата и универзитетите.

Bildungsstreik in Gießen

На некои места имаше и непријатни средби со полицијата: маскиран демонстрант во градот Гисен

Како што гледате спосoбни сме да ги артикулираме нашите желби и барања околу тоа што сакаме да учиме. И тоа сакаме да им го покажеме и на оние кои ја имаат власта, да им покажеме дека можеме со нив да комуницираме на исто ниво“, вели еден студент, кој „храбро“ не сакаше да го каже своето име.

Дајте ни‘ пари, задржете си ги убавите говори

Колку мала важност му придаваат политичарите на образованието се гледа и од следниот факт: германската политика има намера да вложи 18 милијарди евра во него, но за наредните 10 години. Поделено по години, тоа е двојно помалку од средствата што владата годишно ги издвојува за „премијата за расходување на стари автомобили“, како мерка за поддршка на автомобилската индустрија во земјата, во ерата на светска економска криза. За стотиците милијарди за банкарскиот сектор и да не зборуваме. Можеби би било подобро свечените говори и ветувања политичарите да им ги посветат на старите автомобили што дошле под преса за да им отстапат место на новопроизведените автомобили. А парите што ги вложуваат во нив, без свечени говори и големи ветувања, да им ги дадат на училиштата и универзитетите и со тоа да ги инвестираат во иднината на нацијата - советува со подбив коментаторот на весникот „Хајлбронер штиме“.

Автор: ГЧ/дв/отс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска