1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

За украинскиот парламент претседателските избори се неважечки

Декларацијата на парламентот - резултат на долготрајните демонстрации

Декларацијата на парламентот - резултат на долготрајните демонстрации

Украинскиот парламент на вонредна седница, свикана за расправа за кризата по претседателските избори, реши да ги прогласи за неважечки изборите зашто тие не ја отсликувале волјата на избирачите. Пратениците со големо мнозинство ја усвоија декларацијата со која се укажува на неправилностите при минатонеделните избори. Парламентот не може да ги поништи изборите, но декларацијата на пратениците секако треба да има силно влијание.

Претседателот на парламентот Владимир Литвин на почетокот на седницата побара спорните избори да се прогласат за неважечки. Според него, тоа е “најреално” решение за окончување на кризата, зашто било невозможно да се утврди фактичкиот резултат од вториот изборен круг. Вонредната седница беше заеднички договорена од сите парламентарни партии. Претходната седница на парламентот, во вторникот, кога водачот на опозицијата Виктор Јушченко се именува себе си за претседател, беше бојкотирана од партиите верни на владата.

Приврзениците на опозицијата во Киев ја продолжија блокадата на важните владини објекти. За денеска е планирана нова голема демонстрација против исходот на претседателските избори. Двајцата украински политичари кои се надеваат дека ќе го наследат претседателот на заминување Леонид Кучма, не успеаја да постигнат договор за надминување на кризата во земјата, настаната по објавувањето на резултатот од претседателските избори. Но, премиерот Виктор Јанукович, кој беше прогласен за победник, и Виктор Јушченко, кој го оспорува резултатот како фалсификуван, за време на преговорите во главниот град Киев се согласиле дека кризата треба да биде решена по мирен пат. Претставникот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана беше еден од посредниците во синоќешните разговори.