1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

За танго се потребни двајца,за дијалог во Македонија-четворица

Интервју за Дојче веле со претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска,кое го водеше Нада Штајнман

Македонија на патот кон ЕУ

Македонија на патот кон ЕУ

Госпоѓо Шеќеринска,Вие оставивте белег врз европската политика на Македонија затоа што во тој период ги исполнувавте прашалниците и се обидувавте сосема да го отворите патот до ЕУ. Колку Ви појде тоа од рака, и денес кога би гледале наназад ,што направивте и каде згрешивте

?

-Периодот до 2006 година беше период во кој се менуваа чуството на голем оптимизам и чувството на огромен страв и кај мене лично и кај македонската јавност. Кога најавивме дека Македонија ќе аплицира за членство во Унијата, мораме да бидеме искрени, не наидовме на воодушевување кај нашите европски партнери. Јас се сеќавам на серија на средби , преставници од Германија, од Франција од други влијателни земји членки кои сметаа дека се уште е рано да се говори за членство, дека се уште е рано да се говори за кандидатски статус и се обидоа на убав начин да ни соопштат дека ако бидеме преамбициозни можеби на крајот и ќе се разочараме. Се согласував со нивната резервираност, бев свесна дека Македонија две години по еден сериозен конфликт не се перципира како држава иден кандидат за членка на Унијата. Меѓутоа знаев уште нешто што е дел од македонскиот менталитет. До колку не ги поставиме доволно високо нашите цели, нема да успееме никогаш да ги постигнеме. И сметав дека вреди владата ако треба да жртвува и од својот комодитет и од својата популарност, меѓутоа да се посвети на една крупна цел, а тоа е стекнување на кандидатски статус. Беше велам период во кој што имаше место за страв. Меѓутоа, се создаде и еден позитивен оптимизам , бидејќи прво, граѓаните видоа дека кога има работа има и резултат, но второ и многу поважно, јавноста се убеди дека имаме капацитет и дека можеме заедно да работиме. Тоа не беше дело на еден човек ,тоа не беше дело на еден тим или на една влада, тоа беше навистина проект кој успеа заради огромниот ангажман на илјадници луѓе . Кога на крајот на 2005 го добивме кандидатскиот статус мислам дека кај многумина и во администарцијата и во јавноста се создаде еден позитивен да кажам тренд, дека Македонија ќе биде наградувана кога ќе направи нешто добро , но, и дека Македонија самата ќе покаже дека вреди, и дека може до колку се постигне висок степен на доверба и на соработка.

Од една страна сите настојувања на сите влади досега да се оди на патот кон Европа, меѓутоа кога ќе се дојде во Македонија, за разлика од соседните земји кои направија големи исчекори во позитивен правец, во Македонија како да застана времето во последните 15 години кога се распадна Југославија.Тогаш Македонија беше Запад за соседните земји, кога доаѓавме со делегации тука тоа беше чуството. Сега имаме, од една страна, голема желба да се оди во Европа , меѓутоа условите овде во земјата се неевропски, почнувајќи од патиштата,улиците,состојбата на градот итн. Зошто е тој расчекор, што се случува овде во државата?

-Плативме цена на различни први неколку години,во еден дел и без наша вина. Споредбите кои што Вие ги правите, значи како беше до 1990 година, а колку е сега поразлично, важат на пример за две држави од нашето соседство: Бугарија и Романија,пошироко соседство. Значи Албанија не е понапред од нас. Во делот на ЕУ, ниту Србија не е понапред од нас, но економски навистина напредува со брзи чекори, тоа мора да го признаеме. БИХ не е понапред од нас, меѓутоа Бугарија и Романија, кои што, во право сте , имале сосема поинакво ниво-политичко и економско, влегуваат во ЕУ. Мора да се потсетиме дека во годините кога Бугарија и Романија, влегоа во т.н Агенда –2000, кога добиваа сериозни инекции на политичка и финансиска поддршка, Македонија се уште беше изолирана,заради проблемот со името. Значи не само што плативме цена на војните во нашето соседство без наша вина,плативме пред се цена на тој спор бидејќи заради противењето на Грција, ние првите години од нашата независност ги минавме непризнаени од страна на земјите членки на ЕУ. И ние колку и да се трудиме тие 5-6 изгубени години и не по наша вина , не можеме да ги надокнадиме,затоа што се понатаму ,процесот на проширување е побавен и побавен. Факт е дека Македонија кога стана земја кандидат имаше задоволено многу повеќе услови отколку една Бугарија кога таа станала земја кандидат. Но времето беше поинакво, во меѓувреме ЕУ стана многу по затворен круг и многу потежок за да влезе една држава. Треба да ја прифатиме реалноста и треба да сфатиме дека кога ќе изгубите еден период потоа е тешко да го надокнадите изгубеното. Затоа сум помалку и разочарана и лута што Македонија оваа година не се потруди со целиот свој капацитет да добие датум за преговори, оти изгубените месеци сега можат да значат изгубени години во иднина.

Госпоѓо Шеќеринска токму деновиве се добива една слика и странските дипломати во Македонија добиваат една слика кога токму она што беше забелешка на ЕК, не дијалогот, токму тоа го доживуваме деновиве со Ваше неодење на доручекот, или со недоаѓање на владата кај претседателот на државата. Дали не мислите дека треба да се прекине со заемното префрлување едни на други и дали има некоја заедничка стратегија за оваа држава?

-Честопати ја цитирам реченицата: За танго се потребни двајца.За нашиот политички дијалог се потребни четворица и не е едноствано.Ние можевме како политичка партија да блокираме обиди за политички дијалог уште пред два месеца. Бевме првите кои што споменавме дека треба на овие теми да се дискутира, не на сите теми. Владата добила мандат , владата ќе носи закони со кои што нема да се согласува опозицијата, но на некои теми, за да тргнеме напред, мора да постои конзензус. И тоа и го укажувавме на владата од самиот нејзин избор. Јас се сеќавам на првата седница на собранието кога дискутиравме за составот на владата, буквално дискусиите, мислам навистина дека беа добронамерни од наша страна, околу меѓуетничките односи, околу европските аспирации на РМ, не беа со цел , дури ни со тон да се критикува владата, беа со цел да и се помогне на владата со тоа искуство кое што го имаме. За жал, во прв момент , можеби секоја партија кога ќе дојде на власт мисли дека се и е во раце и дека може да прави се и дека нема потреба од никаков разговор и тоа беше видливо особено кај ВМРО ДПМНЕ, па и кај ДПА. Дури кога дојде извештајот на ЕК , во нивниот речник влезе синтагмата политички дијалог. И мислам дека е тоа главниот проблем, дека меѓу четирите политички партии има партии кои реално не чуствуваат потреба за политички дијалог. Или мислат дека политичкиот дијалог ќе се задоволи како услов ако седнеме четворицата на маса и појадуваме.Тоа е добро за првата средба - имавме таква, тоа е добро и за втората средба -имавме таква, на третата веќе сите очекуваат резултат. Политичкиот дијалог може да биде успешен само ако се разговара со желба нешто од мојата позиција да променам. Значи јас не можам да дојдам на политички дијалог и да очекувам да се гради консензус на тој начин што се што ќе кажам ќе биде прифатено. За жал, премиерот има таков впечаток и ние бевме подготвени да инвестираме во тој дијалог, да се обидеме еднаш, двапати, три пати, но, се виде дека не води никаде тој процес. Со нашиот чекор сакаме да дадеме до знаење: Да, ќе имате конструктивен партнер во СДСМ ,но, Да, ќе мора да почитуваме одредени принципи кои што сме ги договориле на првата средба. Јас сум свесна дека сега и мојот одговор се враќа назад на префрлање кој е виновен. Меѓутоа, од друга страна не прифаќам дека сите сме подеднакво виновни. Мислам дека во овој случај вистината не е на средина, затоа што јас и на првата средба со премиерот Груевски му кажав: Владата игра со бели фигури во оваа партија шах. Таа треба некогаш да направи и чекор повеќе. Досега СДСМ беше тој кој што правеше чекор повеќе.

Повеќе влади поминаа и развој и одење кон Европа меѓутоа, проблемите кога ќе погледнеме наназад останаа исти. Македонија е мултиетничка држава, каде што немаме се уште стабилни односи за да кажеме дека се розови, прашањето со името се уште не е завршено,границата не е дефинирана. Дали во полза на сите овие прашања, кои се важни, не е подобро да се напуштат тие меѓупартиски интереси и меѓупартиски префрлувања, и каде може да постои заедничка желба за постоење на една држава која во основните прашања ќе има зедничка цел?

-Јас не се согласувам дека проблемите ни се исти. Ние како држава на Балканот ,како држава со мешан етнички состав, секогаш ќе имаме ист профил на проблеми, но тие се различни. Ние во 90-те години , во 1996,1997 година имавме студентски демонстрации против еден факултет на албански јазик. Од денешна перспектива изгледа смешно. Историјата и нашето искуство покажа дека не биле во право. Меѓутоа, ние и по дваесет години ќе зборуваме за меѓуетнички теми, тоа не можете да го промените. Една Белгија која е една од најнапредните, најстарите земји членки на ЕУ, па денес се уште говори на тие етнички теми. Битно е само дали ќе го надминеме ниското ниво на дискусија по овие теми и дали ќе ја надминеме можноста, како резултат на етнички теми,политички да ја дестабилизираме државата. Вие поставивте многу важно прашање: Како власта и опозицијата , во различни комбинации, без разлика кој кога е на власт , ќе успеат да направат согласност околу главните теми. Јас би рекла дека сите што ги набројавте се клучни теми- и името и границата и соработката со нашите соседи и меѓуетничките теми. Но , во одреден дел и економските теми мора да бидат дел од крупниот консензус кој ќе го постигнеме. Само да ја погледнеме Ирска - нејзината успешна развојна политика е резултат на договор меѓу главните партии дека ќе одат во таа насока. Оти ако на четири години ние менуваме даночен систем, ако на четири години го менуваме односот кон социјалата, ниедна политика нема да даде резултати. Инвеститорите најмногу се плашат од таа несигурност, дека на две –три години ќе им ги менуваме законите и ќе менуваме правила на игра. Затоа, ако ние покажеме дека политичкиот дијалог можеме да го постигнеме околу две-три теми, јас мислам дека и власта и опозицијата ќе видат колку е голема вредноста на еден таков дијалог.

Меѓутоа, како Социјалдемократ, која е Вашата визија за Вашата партија, и за живеењето во Македонија како партија која сака повторно да дојде на власт?

-Левицата и десницата долго време беа лути непријатели, со многу крупни разлики. Десницата не го прифаќаше системот на социјална држава и социјална грижа за граќаните,левицата со резерви ја прифаќаше пазарната економија или ја одбиваше. Времето мина и сите станаа поразумни можеби и се најода некаде на половина пат.Така што левицата денес не се откажува од пазарната економија, но и десницата ја прифати социјалната држава. Затоа денес разликите меѓу левите и десните партии се понекогаш помалку видливи, но тие постојат. Ние како СДСМ затоа ги изразивме нашите резерви при иновирање, односно при преставувањето на новиот т.н “Рамен Данок “ во РМ. Се работи не само за рамен, туку се работи за понизок данок, данок кој што сега веќе дефинитивно ќе ги фаворизира побогатите, оние кои што заработуваат повеќе, фирмите кои што вработуваат луѓе ќе заштедат доколку прогнозите на владата се исправни. Меѓутоа тоа значи дека државата нема да може толкава сума на средства да насочи кон областите и кон граѓаните кои што се социјално позагрозени. Значи кога ќе соберете помалку , ќе може да трошите помалку , ќе трошите помалку за социјала, ќе трошите помалку за образование, ќе трошите помалку за здравство. Нашата позиција ќе биде да ги браниме овие сектори. Нашата позиција ќе биде да кажеме дека македонската економија ќе оди напред, меѓутоа , не треба да оди напред само со еден вагон привилегирани луѓе. Ќе се сконцентрираме врз овие теми како партија: социјала, мали и средни бизниси, проблемот со селата македонски, проблемот на неразвиените подрачја, детската заштита, никој не говори за детска заштита, на кој начин ќе ги заштитиме децата, на кој начин ќе им овозможиме слични стартни позиции. Оти во нашето општетство и тоа ќе се влошува и во иднина, ако се родите во семејство кое што има пристојни приходи има многу шанси пред Вас, ако се родите во семејство со многу скромни приходи , ако се родите надвор од Скопје, од образование преку здравство до вработување се Ви оди потешко. Државата мора тие разлики да ги намалува, а не да го зголемува јазот.

Меѓутоа, еве се наближуваат празниците, доаѓа една Нова Година, дали Вие имате оптимизам по целото Ваше искуство со ЕУ итн. - Дали имате отимизам за оваа држава, што може да се направи овде да се подобри расположението меѓу граѓаните? Можеби , се гледа во Европа, но што може тука да се направи?

- Јас сум непоправлив оптимист и кога создаваме атмосфера на песимизам, всушност ние создаваме однапред алиби за нашите неуспеси. Затоа велам - и кога од другата страна има поинаква влада јас велам дека оваа година не само што треба да се надеваме на подобро, мораме да работиме на подобро. Ние како опозиција, јас како претседател на СДСМ , ќе направам, ќе дадам максимум за на Македонија да и ги подобриме состојбите, и домашни, и европски. Оти кога во Македонија ќе се живее подобро, кога во Македонија ќе се чуствува напредок, нема да ни биде тешко да ги убедиме нашите европски колеги дека сега е моментот за наше зачленување во ЕУ. Целосно сте во право. Битката за ЕУ се води дома. Се води во судовите , колку брзо, колку чесно тие работат, се води во администрацијата - колку е таа непартиска ,колку е квалитетна,колку е отворена кон граѓаните,се води на улица ,се води во парламент. Еве нека ни биде по малку и новогодишна желба и заложба да дополниме барем еден дел од добрата слика за Македонија, секој од нас колку што може.

Госпоѓо Шеќеринска во сите настојувања ,секогаш се вели: во Македонија мора,треба,мора да направиме.Се е тоа напор,напор,напор,така што и на луѓето можеби веќе им е смачено од тој напор.Каде е радоста на одењето по патот, каде е радоста во живеењето во една сопствена држава, можеби ја изгубивте радоста?

-Многу наши граѓани ја изгубија радоста ,заради тоа што долго време живеат во реалност која што е лоша , која што не ги наградува, која што не им дава оптимизам. Ако се будите и морате да се соочите со прашањето како ќе го истуркате овој ден тешко е да најдете оптимизам, и тешко е да имате верба дека утре ќе биде подобро, најчесто и утре ќе се разбудите со истиот проблем. Но кога велам дека ние мора ова да го направиме, треба тоа, итно треба да се промениме, јас никогаш не мислам дека тоа се барањата на ЕУ. Значи ние мора нешто да смениме во државата за децата да ни одат во пристојни училишта. Нешто треба да направи владата, нешто треба да направат општините, нешто треба да направат и граѓаните, меѓутоа тоа е проблем кој мора да го решиме заради самите нас. И сега тука е политичкото прашање: Дали во овој момент Македонија треба да го промени уставот за и средното образование да стане задолжително. Одлично би било како Германија и ние да имаме 13 години задолжително образование за сите. Но ние овие осум први години не можеме да ги исфинасираме, плаќаме. Јас како заменик претседател во минатата влада се трудев да убедам многу донатори дека наместо да даваат толку многу пари, една стратегија од стотина страни кои ќе ги прочитаат само тие што ги напишале, дека треба една голема сума да насочат кон подобрување на условите во образованието. Тешко одеше, сметаа дека можеби тука не е ни приоритетот или дека Македонија сама тоа треба да го промени. Успеав еден од донаторите и да го предомислам. Норвешката влада со скепса во почетокот почна да одвојува пари за училиштата. Дури кога отидовме да ги посетиме тие училишта, и тие, па и самата јас, сфативме каква промена сме направиле. Дури кога ќе отидете таму и кога ќе видите во какви услови, особено во селата наши учат децата,сфаќате дека ние политичарите дискутираме на десетти теми кои не се најважни, тоа е најважно, да оди детето со радост во училиште. Да научи нешто, да научи да користи компјутер. За среќа, успеавме паралелно во секое македонско училиште да обезбедиме и компјутерска училница. Е, тоа е револуција и таа генерација, убедена сум, ќе има предност и во наоѓање работа и во снаоѓање,а сум убедена и дека малку повеќе радост ќе најде во ученичките денови.