1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

За Србија нема пауза на европскиот пат

„На европскиот пат и примената на договорот со Приштина нема ’лето и годишни одмори’“, порачано и’ е на Србија од Брисел. Во Белград доаѓаат Ештон и Филе, а Дачиќ и Тачи наскоро продолжуваат со нова рунда од дијалогот.

Првиот ЕУ-дипломат Кетрин Ештон денеска (09.07) доаѓа во Белград за да ја охрабри Србија да продолжи, како што се порачува од Брисел, „по веќе зацртаниот пат кон ЕУ“. Таа со државното раководство ќе разговара за тоа до каде е стигнато со имплемемнтација на Бриселскиот договор, но и со чекорите кон отворање пристапни преговори за членство на Србија во ЕУ.

Ден пред посетата на Белград, Ештон во Брисел ја одржа и13. рунда од дијалогот со српскиот и косовскиот премиер, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, и порача дека од најголема важност е да се продолжи со реализација на планот за спроведување на првиот договор за нормализација на односите на двете страни. Потврда на пораката од Брисел дека ова лето нема да има време да се „здивне“ кога станува збор за имплементација на договореното се гледа и во веќе најавената нова рунда разговори Дачиќ-Тачи, на 24. јули.

Финализација на договорот за телекомуникации и енергетика

На преговарачката маса на Белград и Приштина и натаму има многу отворени прашања. Меѓу првите е законот за амнестија кој, според зборовите на српската делегација, е предуслов за примена на Бриселскиот договор. Косовскиот премиер вели дека законот е во процедура и дека до крајот на неделата ќе се најде повторно пред парламентот во Приштина. Прашањата на телекомуникациии енергетика, отворени пред две години, „речиси се финализирани“, вели Кетрин Ештон, а двете страни порачуваат дека разговорите за „неразјаснетите детали“ ќе продолжат во деновите што доаѓаат.

„Направен е значаен напредок по прашањата на телекомуникации и енергетика. Во принцип имаме договор за основните прашања, со исклучок на некои елементи, што може да се разјасни за време на посетата на Кетрин Ештон на Белград и Приштина“, изјави премиерот на Косово, Хашим Тачи вчера во Брисел. Тачи не конкретизираше што недостига во договорот со Белград.

Dialog Serbien-Kosovo

Дијалогот продолжува

Српскиот премиер Ивица Дачиќ како се‘ уште нерешени прашања ги гледа имотот над езерото Газиводе, прашањето на вработените во трафостаницата Валач, како и функционирањето на меѓународниот телефонски број за Косово по 2015 година: „Денеска направивме исчекор, но работата не е завршена до крај. За енергетиката и телекомуникациите зборуваме веќе неколку години и тоа не е лесно да се реши. Се работи не само за политички договор на државното раководство кој може да ’значи пресврт’, туку тука се и работите за експертите. Сепак, важно е целиот процес да оди натаму и затоа овој состанок беше корисен.“

Делегациите на Белград и Приштина на состаноците во Брисел разговараат уште и за деталите на одржување на локалните избори на Косово, закажани за 3. ноември, како што е учеството на Србите во централната и општинските изборни комисии. Се разговара и за основање апелационен суд во северна Митровица, но и на мрежа пониски судови и обвинителства. „Важно е да се одржи темпото на имплементација на Бриселскиот договор. Тоа е од витално значење за нас и тоа ќе биде ’камерата’ низ која ќе не‘ гледаат претставниците на институциите на ЕУ во процесот на евроинтеграции“, вели Дачиќ.