1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

За спас на еврото не може да одлучуваат само девет луѓе

Може ли едно мини-тело да одлучува во име на целиот парламент околу помошта за спас на еврото, ЕФСФ? Германскиот Уставен суд денеска оцени дека тоа би значело повреда на Уставот.

Сојузниот уставен суд ја зајакна улогата на Бундестагот во борбата против европската должничка криза. Судот денеска (28.02) донесе одлука според која функциите на деветчленото тело за носење брзи одлуки околу спасот на еврото во голем дел е спротивно на Уставот. Одлучување од страна на вакво тело е дозволено само ако се работи за купување државни обврзници на финансиските пазари. При вакви мерки, поради потребата од доверливост, е оправдано доколку наместо целиот Бундестаг, одлука донесе само тело од неколку члена, одлучија судиите во Карлсруе.

Bundesverfassungsgericht Karlsruhe EFSF Ankläger Peter Danckert Swen Schulz SPD

Тужителите Петер Данкерт и Свен Шулц

Тужба пред судот поднесоа пратениците на СПД - Петер Данкерт и Свен Шулц. Тие сметаат дека носење одлуки од страна на тело од неколку члена е повреда на нивните пратенички права. Иницијативата за вакво тело, составено од членови на парламентарната комисија за финансии и буџет, датира од есента 2011. На крајот на октомври Уставниот суд го спречи неговото дејствување. Дел од пратениците веќе подолго време се жалат дека во еврокризата немаат доволно информации од страна на владата, немаат доволно можности за влијание и при носење тешки одлуки се чувствуваат ставени под временски притисок. Затоа пратеничката група на Зелените во паралелна тужба поднесена до Уставниот суд сака да постигне владата да дава подобри и навремени информации.

Bundesverfassungsgericht Sondergremium EFSF

Германската влада и по ваквата одлука на Уставниот суд смета дека не е ограничен нејзиниот простор за дејствување. Владата останува способна да дејствува во целосен обем при акциите за спас на еврозоната, вели државниот секретар за финансии Штефен Кампетер. Опозиционите социјалдемократи ја поздравија одлуката на судот и нагласија дека тоа ја зајакнува вкупната буџетска одговорност на Бундестагот, а на минимум ги сведува компетенциите на таканареченото деветчлено тело. „Со тоа мерките за спас на еврото ќе станат потранспарентни и посфатливи за луѓето“, изјави парламентарниот раководител на СПД, Томас Оперман. Портпаролот за буџетски прашања на пратеничката група на Зелените Приска Хинц оцени дека е добра вест што функцијата на деветчленото тело е во согласност со Уставот во делот на купување обврзници. На тој начин, според нејзе, тоа може и да биде употребено како инструмент во борбата против еврокризата. Слична изјава даде и нејзиниот колега од пратеничката група на партиите на Унијата, Норберт Бартле. Тој уште додаде дека по одлуката во Карлсуре сега треба да биде променет и соодветниот закон.

Автор: Е. Милошевска Фиданоска / дв/ртр/дапд/дпа

Редактор: Жана Ацеска