1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

За претседателските избори се кандидираат две жени

На претстојните претседателски избори во Македонија за првпат ќе се кандидираат две жени, Слаѓана Тасева како независен кандидат и Мируше Хоџа, кандидат на ДПА.

default

Избори

Универзитетските професорки, Слаѓана Тасева и Мируше Хоџа, се вмешаа во традиционално машката изборна трка за функцијата Претседател на Македонија.

Во јавниот живот многу поекспонирана е Слаѓана Тасева, доктор по кривично право. Таа беше претседател на Антикорупциската комисија, директор на полициската Академија, од кадешто беше сменета од владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Таа повеќе години работеше и како аналитичар во МВР. Во моментов, Тасева, е шеф на невладината организација „Транспаренси“, преку којашто води жестока битка против корупцијата во Македонија. Професорката Слаѓана Тасева е самохрана мајка. Синот работи како шеф на нејзиниот изборен штаб.

И Мируше Хоџа во трката за претседател

Иако симболично, колку да учествува, но и за да ги докаже тенденциите за модернизација на албанската жена, Демократската партија на Албанците се реши Мируше Хоџа да биде еден од најавените 11 претседателски кандидати. Таа е албанолог по професија и е професор на Скопскиот и Тетовскиот универзитет. Мируше Хоџа е и една од десетте личности, кои неделникот „Глобус“ ги избра како најистакнати личности што се залагаат за европска Македонија. Таа стана позната во политичката јавност, откако противниците од нејзината тогашна партија ДУИ ја сменија од функцијата директор на Институтот за албанологија во Скопје. Професорот Мируше Хоџа, пред пет месеци наполни 40 години и со тоа го исполни условот за минимум возраст за учество на претседателските избори. Таа не е мажена, живее на релацијата Скопје-Тетово и потекнува од граѓанско албанско семејство во Македонија.

Предвесници за нова реалност

Според проценките на некои аналитичари во Македонија, двете кандидатки немаат големи шанси за победа, бидејќи главната битка ќе се води меѓу машките кандидати за претседател. Тие сепак се согласни дека професорките Тасева и Хоџа треба да се охрабрат и дека нивните кандидатури се најава за друг, поинаков амбиент, каде жените би и’ дале нова димензија на политиката во Македонија.

Жени на врвни политички функции не е новина во Македонија. До неодамна лидер на СДСМ беше Радмила Шеќеринска. 15 проценти од пратениците во македонскиот Парламент се жени, а на повеќе наврати жени се најдоа и на министерски позиции во Македонија.