1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

За нов пасош иселениците треба да земат две години одмор!

Македонските граѓани кои денеска ќе аплицираат за пасош ќе добијат редовен термин во април 2011, а термин за итна постапка најрано во март годинава. Тоа за иселениците значи - многу пари, нервоза и опасност од отказ.

default

40 годишниот Бериша Басри стравува дека ќе ја загуби работата во Франција. По зимскиот одмор во татковината мора да се јави на работното место најдоцна до 18 февраури. Но, враќањето е неизвесно. За две недели мора да добие нов пасош, а тоа е речиси невозможно. Поверојатно е дека ќе добие отказ.

„Можно е, се надевам дека нема, ќе се обидам да им јавам да им објаснам ако не биде пасошот готов.“

Добивањето лични документи е значително отежнато во последниве месеци, поточно по падот на Шенгенскиот ѕид. Печалбарите не можат навреме да се вратат на работа, учениците да се јават на настава. Амед Зиберовски од скопското село Цветово не може да го испрати своето дете на школување во Турција бидејќи повеќе од еден месец е заглавен во обидот да му извади пасош.

„Еве, има месец дена како чекаме. Ова треба, она треба, оти детето е малолетно. Треба на училиште да оди детето во Турција, ама сега ќе доцни.“

Македонските граѓани кои денеска ќе аплицираат за пасош ќе добијат редовен термин во април 2011, а термин за итна постапка најрано во март годинава.

„Година дена, две велат, ова само кај нас се случува во ниедно друго место.“

Mazedonien Flash-Galerie Reisepass

МВР бара толерантност?!

Полицискиот портпарол Иво Котевски бара поголема толерантност од македонските иселеници.

„Апелираме до иселениците да се јавуваат преку нивните блиски навреме и да се обидат да закажат термин за аплицирање во периодот кога планираат да престојуваат во Република Македонија.“

Освен бавноста во закажувањето, тешко и хаотично е и издавањето на новите лични документи. Граѓаните се нервозни.

На повидок е подобрување на состојбата мошне скоро. Неделава во Скопје беа претставници на германската компанија „Гизеке и Девриент“ која ги изработува личните документи. Понудија зголемување на капацитетот, опција што ќе ја скуси постапката и ќе го забрза издавањето на личните документи.

„Од нивна страна беа изложени неколку предлог решенија и тие се анализираат од стручни лица од МВР“, вели Котевски.

Воведувањето на биометриски пасоши беше еден од условите за добивање на визна либерализација. Пред да бидат укинати визите, темпото на издавање на лични документи беше усогласено на потребите. Проблемот настана кога Европа објави дека без визи ќе можат да патуваат само граѓаните со нови пасоши.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска