1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

За некои компании нема економска криза

Договорот за слободна трговија со ЕУ го олесни тргувањето со Јужна Кореја. Продавањето на тој пазар е примамливо и за Марк Кејн, германска модна компанија, која годинава сака да отвори пет продавници во Јужна Кореја.

Она што овде се создава е мала модна сензација. Во Марк Кејн во Боделсхаузен, мало село во Швабските Алпи, се создава првиот пуловер на светот направен целосно без шевови, како што објаснуваат во оваа бранша.

Хелмут Шлотерер ја основа фирмата на почетокот од 70-тите во Италија. Неговата цел е секогаш да биде технички еден чекор пред конкуренцијата.

„Оваа машина е нов обид, не толку многу во машинската технологија, колку што всушност е во врска со софтверот. Таа прави комплетен производ. На крајот тoj излегува надолу од машината. Кога завршува со плетењето нема поединечни делови, туку комплетен пуловер“, вели Хелмут Шлотерер, основач на модната марка Марк Кејн.

А, тој - пуловерот, 100 проценти е Made in Germany. Во фирмата Марк Кејн се ангажирани околу 800 вработени. Во три смени годишно се обработува и печати 240.000 килограми италијанско предиво.

Муштериките го поврзуваат „Made in Germany“ со висок квалитет и добра изработка, а освен тоа тука се наоѓа и најдобриот стручен персонал, вели менаџментот на фирмата.

Токму сега фирмата уште еднаш сосема јасно се произнесе за зачувување на производството во Германија. За 36 милиони евра се градат нови производствени и административни згради во Боделсхаузен.

Модната марка денес е присутна во околу 60 земји со свои продавници. Секоја недела компанијата отвора по една до две нови продавници. Менаџерот Норберт Лок во моментов е на пат кон Сеул.

„Марк Кејн има извозна стапка од 65 проценти и нашите најголеми извозни земји се Русија и Холандија. Но, нашата трета најголема земја веќе ни е Кина, а успешно соработуваме исто така и со Јапонија, како и со Тајван. Во тој план секако дека спаѓа и Јужна Кореја, како и Сингапур и Малезија. Тоа е нашата стратегија“, вели Норберт Лок, извршен директор на Марк Кејн.

На азискиот пазар германската мода проаѓа добро, како овде - на модната недела во Пекинг. Во Марк Кејн се горди на тоа што извезуваат кон Кина, а не обратно. А, ако оди се’ според планираното, тогаш во 2013-та година во Јужна Кореја ќе бидат отворени повеќе филијали. Со договорот со ЕУ за слободна трговија тоа сега стана уште полесно.