1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

За Македонија е најважна толеранцијата

Муса Џафери, вицепремиерот на македонската влада по повод празникот Рамазан Бајрам: Треба да има толеранција меѓу сите нас, само преку неа може да имаме перспектива.

default

Заменик-претседателот на македонската влада, Муса Џафери по повод празникот Рамазан Бајрам денеска ја посети Исламската верска заедница на РМ.

„Сите треба да се потсетат на овој голем празник дека треба да има толеранција меѓу сите нас, најмногу тоа е важно кај нас во Македонија бидејќи ние сме мултирелигиозна држава и општество и само преку таа толеранција може да имаме перспектива и унапредување на сите процеси“, изјави Џафери.

Џафери, кој ја посети ИВЗ придружуван од министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, им го честиташе празникот на сите муслимански верници и им посака мир и благосостојба во нивните семејства.

 Честитки до муслиманите верници упатија и претседателот Ѓорге Иванов, македонскиот премиер Никола Груевски и претседателот на македонскиот парламент Трајко Вељаноски. Во Македонија денешниот ден е прогласен за државен празник.

Месец на милост и правдина

Mazedonien Land und Leute Moschee in Tetovo

Муслиманите во Република Македонија, како и целиот исламски свет, денеска го слават Рамазан Бајрам. По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска во сите џамии се служеше утрински Бајрам-намаз.

Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, воедно е и месец на почетокот на објавата на коранот. Поголемиот дел верници од исламска вероисповед овој празник го слават три дена.

Во текот на Рамазанкиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога мулсиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.

Автор: ЖА/ТТ/миа

Редактор: Трајче Тосев