1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„За“ и „против“ евро-обврзниците

Кризата на еврото ја заживеа и дебатата околу т.н. „европски обврзници“. Нив категорично ги отфрлаат земјите со подобар рејтинг, додека оние со голем дефицит сакаат нивно воведување по секоја цена.

default

Доколку земјите од евро-зоната решат да воведат заеднички државни обврзници, тогаш рејтинг агенцијата „Стандард енд Пурс“ ќе ги вреднува со рејтингот на земјата која се наоѓа најниско на скалата, вели Мориц Кремер, шеф на секторот за Европа при агенцијата. „Ако имаме на пример некоја европска обврзница, во која за 27% од износот гарантира Германија, за 20% Франција и за 2% Грција, тогаш таа обврзница ќе го има рејтингот на Грција, односно ’ЦЦ’ “, нагласува Кремер.

Земјите како Грција, Португалија, Шпанија и Италија интензивно се залагаат за воведување на „евро-обврзници“, додека оние со добар рејтинг како Германија, Франција, Австрија, Холандија или Финска се противат. Тоа е логично затоа што со заедничките обврзници земјите, кои имаат добар финансиски баланс, би требало да си го намалат рејтингот и да плаќаат поголеми камати за новите државни задолжувања отколку до сега, додека оние презадолжените би плаќале помали.

Sondergipfel Merkel Sarkozy

„Не“ за заедничките обврзници: канцеларката Меркел и претседателот Саркози

Експертите сметаат дека наспроти сегашните противења на Ангела Меркел и Никола Сакрози, на пример, заедничките обврзници ќе станат реалност и тоа релативно скоро.

Колку ќе ја чинат „евро-обврзниците“ Германија?

Експертите на германскиот институт за економски истражувања „ИФО“ проценуваат дека заедничките обврзници би ја чинеле германската државна каса дополнителни 33 до 47 милијарди евра годишно. Густав Хорн, директор на Институтот за макроекономски и конјунктурни студии, не се сложува со таквите проценки и тврди дека ќе дојде само до мало зголемување на каматните стапки за германските нови долгови. Но, затоа од друга страна, тој тврди дека Германија со тоа сепак би претрпела загуби. Таа, имено, би го загубила статусот на многу пожелна земја, кога се во прашање државните обврзници. Поради кризата во неколку европски земји, меѓународните инвеститори во голема мера го засилија интересот за германските обврзници, што на министерот за финансии моментално му овозможува да зема нови долгови по неверојатно ниски каматни стапки.

Шефот на пратеничката група на социјалистите во Европскиот парламент, Мартин Шулц исто така смета дека нема место за паника. Според него, за Германија дури би било подобро да се сложи со воведувањето „евро-обврзници“,

Martin Schulz

Претседателот на пратеничката група на социјалистите во Европскиот парламент, Мартин Шулц

бидејќи тие ќе донесат помали финансиски оптоварувања за нејзиниот буџет отколку постојаното зголемување на средствата во европскиот фонд за спас на должниците или пак можниот колапс на заедничката валута.

Психолошко дејство

Според Шулц заедничките обврзници ќе имаат и позитивно психолошко влијание врз берзите. „Зголемените каматни стапки за долговите на презадолжените земји се израз на недовербата на финансиските пазари дека тие ќе успеат да ги сервисираат долговите, како и на стравот дека побогатите земји ќе се повлечат од монетарната унија поради кризата“, појаснува Шулц. „Евро-обврзниците“ би биле еден вид сигнал дека богатите европски земји остануваат на определбата за заедничка иднина, појаснува тој.

И експертот Петер Бофингер смета дека заедничките обврзници ќе имаат стабилизирачко влијание. Ризикот од банкрот на одделни држави во евро-зоната со тоа ќе биде надминат.

Ништо ново

Берт Рируп смета дека заедничките обврзници се логичен чекор во натамошното европско обединување. Тој исто така нагласува дека тие фактички веќе постојат и затоа е излишна дебатата околу нивното воведување. Според Рируп, самитот на ЕУ од јули годинава донесе заклучок, со кој на Фондот за спас му се дозволува да издава сопствени обврзници. Тоа се веќе европски обврзници, нагласува поранешниот претседавач со групата на „петте финансиски мудреци“ на Германија.

Hans-Werner Sinn

Претседателот на ИФО Институтот од Минхен, Ханс-Вернер Зин

Со ваквиот став се согласува и Ханс-Вернер Зин, претседател на ИФО институтот од Минхен. Тој смета дека треба прво да се дозволи веќе донесените мерки да дејствуваат пред да се донесуваат нови. Тој е против воведување посебни евро-обврзници, бидејќи тоа би го нарушило дејствувањето на пазарните инструменти. Зошто би требала Грција на пример засилено да штеди, доколку плаќа исти камати на државниот долг како Германија - се прашува Ханс-Вернер Зин.

Пазарна дисциплина и политички механизми

Хериберт Дитер од Фондацијата наука и политика смета дека идејата за создавање евро-обврзници во принцип се потпира врз замената на пазарните механизми со политички. Таквите зафати и во минатото не донесоа големи успеси, предупредува експертот Кај Карстенсен. Тоа се покажа при разводнувањето на критериумите за финансиска стабилност на ЕУ, за што на времето се залагаа посебно Германија и Франција. Едно време тоа функционираше добро, но подоцна дојде до зголемување на државниот долг. Во екот на светската финансиска криза од 2008 година ситуацијата излезе од контрола, потсетува Карстенсен. Тој тврди дека реално гледано до строгите критериуми во моментов не се придржува никој, освен Финска и Естонија, која храбро и’ пристапи на евро-зоната на почетокот од годинава.

Автор: Данхонг Жанг / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски