1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

За името недостига разумен дијалог

Напредокот на Македонија кон ЕУ германската политика го врзува за решението на спорот со името со Грција. Веќе чуена формулација, иста како онаа дека решението на спорот ќе го отвори патот кон ЕУ!

default

Вернер Хојер не е оптимист за брзо решение на спорот!

„Позицијата на Германија е дека таа и натаму е многу заинтересирана да има напредок, но напредокот ќе биде сметан не кај малите нешта, туку кај големите прашања. А, тоа се односите на Македонија со јужниот сосед. Кога ќе се направи пробив на оваа тема, а се надевав дека тоа ќе се случи пред самитот на НАТО, сега ми се чини дека толку краткорочно тоа нема да се успее, ќе може брзо да се постигне напредок. Но, во моментов, за прашањето со името недостига разумен дијалог на сите учесници во спорот!“

Напрегнато следење на проблемот

Ваков коментар за македонската програма на Дојче Веле даде Вернер Хојер, државен секретар во германското МНР, кој пред пратениците на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг, вчера попладне (10.11) ги образложи гледиштата на Брисел околу идните претенденти за членство во ЕУ.

Хојер смета дека подготвените извештаи за напредок се ретко реални. Тој кусо се осврна на секоја земја која е во процедура за членство истакнувајќи:

„Темата Македонија зависи од добро познатото прашање и тука нема ништо ново. Затоа треба напрегнато да се следи дали и кога нешто ќе се помести на релација Скопје-Атина. Мој впечаток е дека во последно време има напори да дојде до поместување, но не сум доволно оптимист дека сега краткроочно, а краткорочно мислам пред самитот на НАТО наредната недела во Лисабон, нешто и ќе се реши.“

Исчекор и од Грција

Michael Link MdB FDP

Македонија е на добар пат, смета либералот Михаел Линк

Единствено Михаел Линк од пратеничката група на либералите и член на комисијата за ЕУ на Бундестагот изрази подготвеност да го коментира извештајот истакнувајќи дека македонската влада последнава година постигнала напредок во повеќе сфери и дека сега треба да се исчекори и на надворешно-политички план.

„Ние очекуваме исто така, и го подвлекувам ова исто така, исчекор и од Грција која треба да разбере дека не може постојано да го блокира напредокот на регионот“, вели Михаел Линк, кој за прашањето каде е Македонија со останатите реформи констатира:

„На добар пат е! Има напредок и извештајот на Комисијата е позитивен. Мислам дека сега се’ е во разрешувањето на спорот со името за да се отворат преговорите за членство. Се’ друго може брзо да се разјасни!“

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM