1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

За ИКЕА принудно работеле во ГДР?

ИКЕА најави дека ќе разговара со поранешните затвореници од ГДР за обесштетување. Во ТВ документација во Шведска, врз основа на документи од Штази се подигнуваат големи обвиненија против производителот на мебел.

Обвинувањата се тешки. Шведскиот концерн за мебел ИКЕА имал производство на мебел во поранешната ГДР уште од 60-тите години. Според последните истражувања работата ја извршувале и политички затвореници. Оттука дел од мебелот на ИКЕА се’ до 80-тите години бил произведуван преку принудна работа.

Пред повеќе месеци германското радио ВДР информираше дека шведскиот мебел бил продуциран и во фабриката за мебел во Валдхајм, каде работеле голем број затвореници и принудни работници. Поранешен затвореник обелоденил дека произведувал шарки и окови за ИКЕА. Според сегашните истражувањата на шведската телевизија СВТ во германската служба за актите на Штази постојат повеќе од 800 документи „кои се поврзани со ИКЕА“ се ’ до периодот до паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989. година.

Концернот за мебел од своја страна тврди дека не знаел за принудната работа. Јасно е дека ангажирање на политички затвореници за ИКЕА е „тотално неприфатливо“, се вели од Стокхолм. Портпаролот на шведскиот концерн Илва Магнусон за агенцијата ДПА изјави: „За тоа радо би воделе дијалог со погодените и со органзациите“. Но претходно мора да се спроведе до крај истрагата за можното ангажирање на принудни работници за налозите за извршување работа, кои ги издавала ИКЕА во ГДР. Од Службата за актите на Штази во Берлин пак се вели дека документите веќе и се предадени на ИКЕА поради налог за истражувачка дејност.

Во Берлин претходно директорот на меморијалниот центар за жртвите од Штази Берлин Хоеншенхаузен Хубертус Кнабе, побара од концернот да ги обештети некогашните политички затвореници од ГДР во случај да постоела принудна работа.

Според информации на весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ и во кубанските затвори затвореници работеле за ИКЕА. Соодветните договори биле склучени со посредство на претпријатија од ГДР. Испораката меѓутоа пропаднала поради недоволниот квалитет на производите.