1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

За жените шамии, за мажите полигамија

Во Чеченија времето се враќа назад. Жените повторно мора да носат шамии, алкохолот е табу, но затоа е дозволена полигамија. Властодржците и верските претставници тврдат дека сето тоа нема врска со исламизација.

default

Директно покрај големата, нова џамија, кон небото се издигаат бетонски столбови и кранови. Овде, во центарот на чеченскиот главен град Грозни, се гради првата висококатница. Ќе има 50 ката, со место за слетување на хеликоптери на покривот. Фасадата ќе биде од стакло.

Широки булевари, дизајнерски продавници - Рамзан Кадиров, шеф на руската република Чеченија, на градот кој се обновува по две војни, му дава модерна нота.

Но, зад фасадите времето се враќа назад. Полигамија, принуда за носење шамии, забрана за конзумирање алкохол. Мешавина од средновековие, верски врамен мачоизам и ароганција.

Има само еден закон - законот на Кадиров

Татјана Локшина од „Хјуман Рајтс Воч“ вели дека Чеченија се` повеќе се оддалечува од Русија, без притоа Кремљ да се вмеша:

Грозни се гради, но...

Грозни се гради, но...

„Проблемот е во тоа што во Чеченија во моментов има само еден единствен закон, кој нема врска со руското право или меѓународрните обврски во делот на човековите права. Закон е она што ќе го рече шефот на Републиката.“

Тој, пак, е убеден:

„Ваква демократија, како нашата, нема никаде на друго место. Сето она што го правиме е со една цел - чеченскиот народ повторно да живне. Затоа се залагаме за морална политика. Нашите напори имаат поддршка од народот, 92% од населението е за нас, а само малку - 0,34 проценти, се против нас“, вели Рамзан Кадиров.

Тајни критики и страв

Значи не е чудо што насекаде во градот е напишано: „Рамзан, благодариме за Грозни. Благодариме за се`!“. Ако се праша, јавно сите го фалат Кадиров за неговата енергичност, што им се допаѓа на вооружените безбедносни сили,

Жените мора да носат шамии

Жените мора да носат шамии

распоредени насекаде на улиците на Грозни, кои шетаат со отворени очи и уши. Само малкумина се осмелуваат да искажат критика. Најчесто се критикува тајно. Критиката се изразува со шифри, а алкохолот се крие зад мувлосаните исушени риби во продавници, кои ги знае секој. Млади момчиња во нив стојат во редица за да купат половина литарски шишиња водка и пиво. Тие веројатно се исто толку убедени „непијачи“ на алкохол, како што и младите девојки се убедени „носачки“ на шамии. Кој ќе му се спротивстави на правилото за носење шамија, во најдобар случај е нарекуван проститутка. Во најлош случај е гаѓан со топки со боја. Татјана Локшина има видено повеќе заканувачки писма во кои се најавуваат построги казни:

„Построги казни во овој случај значи: ’ако уште еднаш ве видиме без шамија, ќе пукаме од вистинско оружје’.“

Кадиров: Не сме ѕверови

На жените, како што велат мажите кои го имаат главниот збор, понекогаш им е потребна рака што ќе ги води за да можат да си ја најдат среќата. А на Рамзан Кадиров на срце многу му лежи усреќувањето на жените:

Рамзан Кадиров

Рамзан Кадиров

„Си ја сакам жената, ја почитувам, со нејзе сум среќен. Но, кога ќе видам жена којашто е уште поубава од нејзе, зошто да ме фаќа немир? Исламот дозволува женење и со други жени, доколку мојата прва сопруга не е против. Значи, ако сум здрав, ако немам финансиски проблеми, зошто да страдам поради тоа што сакам уште една жена и зошто да не можам да се оженам со нејзе?“

Рускиот закон и во ваков случај не е пречка. Бракот едноставно се склопува во џамија и не се прави регистрација во општина. Во Чеченија е можно се` што ќе му се допадне на Рамзан Кадиров. Она што не му се допаѓа се укинува, или се потиснува. Затоа тој на западните новинари со кренат прст „пријателски им советува“:

„Не фантазирајте, не претставувајте не` како човечки ѕверови. Ние му служиме на нашиот народ.“

Автор: Кристина Нагел / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска