1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

За жената е брак, а не фудбал!?

Во спортските клубови во Берлин постојат многу мулти-култи екипи. Таму се добредојдени и муслиманските девојки. Но, тие имаат проблем: нивните родители често се многу конзервативни и не се одушевени од нивниот ангажман.

default

Берлин Шенеберг, кварт во кој живеат мигранти: група девојки играат фудбал во спортска сала. Најголемиот дел се од турско и арапско потекло.

"Со мојот татко постојано е истото: тој прави вицеви на моја сметка, па, фудбалерке, пак одиш на тренинг? Мајка ми пак постојано со истите закани: не смееш да одиш на тренинг, дома треба да се чисти.“

Џесика Мансур игра во женската екипа на спортскиот клуб Туркиемспор. 17-годишната девојка од либанско потекло мора да води борби поради своето хоби со родителите. И нејзината другарка од турско потекло, Хилија Каја ги чувствува предсрасудите на постарите генерации против фудбалот:

„Секогаш е исто: тие мислат дека една девојка не сме да облече шорц или кратки пантолони, што воопшто не е точно.“

Судир меѓу традицијата и новото време

Тренерот Мурат Доган, 33 годишен галванизер по струка, постојано се соочува со тешкотии да најде девојки-играчи за својот тим. Многу родители со турско потекло сакаат нивните деца да живеат на традиционален начин, објаснува тој:

„Факт е дека најголемиот дел од семејствата доаѓаат од Источна Анадолија, од село дошле во Берлин. Затоа им треба не неколку години, туку неколку генерации додека да ги сменат сфаќањата. Во старото конзервативно општество во Анадолија било нормално девојчињата да се мажат со 17, 18 , 19 години, а не да играат фудбал.

Deutschland Muslime Treffen Essen

Во костец со старите сфаќања на родителите

Непријателски и расистички навреди

Младите девојки не треба да се справат само со своите родители, туку понекогаш и со непријателски настроените навивачи. Џесика Мансур се жали на навивачите од германско потекло, кои на турнирите се појавуваат со пароли со непријателски содржини кон странците:

„Родителите на противничките девојки-играчи често стојат на работ на теренот и довикуваат: турски ѓубриња, странски ѓубриња, одете си од каде сте дошле. Тешко е во таква ситуација да се концентрираш на играта, зашто ние имаме своја гордост. Можеби не се работи за гордоста, но навредите сепак внатрешно не‘ погодуваат.“

Џесика и Хулија чуле расистички забелешки и од противничките играчи:

„Најчесто се случува тоа да не‘ поврзе, значи ние против нив, а тие против нас, па следи викање, по што интервенираат судијата или тренерот. Најлошото до што дошло е меѓусебно поттурнување“, вели Џесика.

Раководствата на спортските друштва се трудат да постигнат хармонија: се организираат проекти против насилното однесување, турнири со мешани екипи од различни религии, како и посебни програми за поддршка на жените и девојките. Интеграцијата станува главната цел и на клубот Туркиемспор, извлекува биланс клупскиот менаџер Фикрет Чејлан:

„Немавме намера да се занимаваме со толкав социјален ангажман, но во меѓувреме постојат се‘ поголем број проекти. Може да се случи, еден ден целосно да го заборавиме фудбалот. “

Автор: Јенс Росбах/ Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски