1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

За Грција нова рата, за еврозоната повисока камата

Министрите за финансии на еврозоната конечно ја одобрија следната транша од помошта за Грција во износ од 8 милијарди евра, но не успеаја да најдат решение за растечки проблеми во заедничката монетарна зона.

default

Берзите растеа во пресрет на вчерашниот состанок во Брисел, со надеж дека ќе дојде до брзо и силно решение за проблемите во еврозоната, но тоа не се случи. Дури ниту драматичниот пораст на каматите за Италија на рекордно ниво, не доведе до договор на министрите за зголемување на спасувачкиот фонд.

Првичните најави дека гарантниот фонд на ЕУ ќе се зголеми од актуелните 440 милијарди на една илјада милијарди евра (еден билион), се исполнија само вербално. Заложбите на министрите не наидоа на повратен одговор од инвеститорите, кои до сега не покажаа интерес за покривање на бараната сума.

Шефот на фондот, Клаус Реглинг одби да даде конкретна бројка за сумата со која ќе располага фондот, но тврдеше дека таа сума ќе биде повеќе од доволна за да ги заштити земјите од финансиски хаос. За разлика од него, холандскиот министер за финансии, Јан Кес де Јагер беше далеку пореален. „Ќе биде многу тешко да се обезбедат еден билион евра. Можеби половина од тоа“, рече Де Јагер.

Symbolbild Eurobonds EU Eurokrise Finanzkrise

Кој ќе ги исплати големите долгови на ЕУ членките?

Министрите сепак успеаја да се договорат фондот да обезбеди финансиски гаранции од 20 до 30 проценти за инвеститорите, кои ќе купат државни обврзници од задолжените европски земји.

„Забележавме напредок на повеќе фронтови. Ова ја покажува нашата одлучност да сториме се’ што е во наша моќ за да ја обезбедиме стабилноста на еврото“, изјави по средбата претседателот на еврозоната, Жан Клод Јункер.

Ниту ММФ нема доволно пари

Министрите побараа од ММФ да обезбеди повеќе средства за гаранции, но фондот во моментов има само околу 390 милијарди долари на располагање, што не е ни одблизу доволно за интервенција во случај работите да тргнат на уште полошо во Италија, чиј долг надминува два билиони евра.

Проценка е дека земјите од еврозоната само во 2012 година се соочуваат со долг од околу 638 милијарди евра, од кој 40 проценти мора да се рефинансираат заклучно со мај следната година.

Останаа нерешени и прашањата за поголема инволвираност на Европската централна банка во обезбедувањето ликвидност за задолжените земји, како и за издавањето на заеднички евро-обврзници. Германија е остар противник на обете опции и нема најави дека нешто ќе се промени во тој став до почетокот на самитот на лидерите на ЕУ на 9 декември.

Автор: Борис Георгиевски/ап/ројтерс

Редактор: Горан Чутаноски