1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

За германските претпријатија - дестинација свет

Германското стопанство со цврсто насочен поглед кон пазарите во странство. Силниот стопански развој во Азија привлекува се’ повеќе германски претпријатија.

Должничката криза и од неа предизвиканиот позабавен стопански пораст не се пречка за германското стопанство и во тековнава година да смета на зголемен извоз. Две третини од 3.200 претпријатија анкетирани од Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) имаат намера во наредниве години натамошно да ги интензивираат своите активности во странство. Лани дури 91 процент од претпријатијата продаваа германски стоки во светот.

Една третина од претпријатијата во странство имаат сопствени или фирми-ќерки. „Ова не е на сметка на активностите во Германија, оти домашните претпријатија и во Германија ја прошируваат дејноста и вработуваат повеќе луѓе“, потенцира Илја Нотнагел од ДИХК.

Азија - пазар во пораст

Германските претпријатија погледот го насочуваат кон Азија, пред се’ кон Кина. Тој регион е втор најважен пазар за пласман на производи - Европа останува на прво место. „Покрај Кина, во Азија има многу пазари кои се истакнуваат со солиден пораст и добро деловно опкружување - и таму се етаблираат германските претпријатија.

Deutschland Wirtschaft Europäischer Banken-Stresstest Banken Skyline in Frankfurt am Main

Франкфурт

Се поатрактивен за нив е регионот на Југоисточна Азија. За 2012 се очекува опаѓање на конјунктурата во светски рамки. Но, Индонезија, Малезија, Филипини, Тајланд, Сингапур и Виетнам ќе бележат пораст, а германски производи таму се на цена. Дополнителен импулс германските извозници можат да очекуваат од редица билатерални спогодби за слободна трговија, за кои сега се преговара. Тие може да доведат до значително намалување на царините и до нови инвестиции. „Токму земјите во забрзан подем полагаат врз модернизирање на своите стопанства и за тоа им се потребни машини и постројки од Германија“, вели Илја Нотнагел од ДИХК и додава: „Со добриот стопански развој во Азија, но и во Латинска Америка, таму има се’ повеќе луѓе кои можат да трошат и сакаат да купат висококвалитетни производи. Од тоа прифитираат германските претпријатија.“

Должничката криза го кочи бизнисот во Европа

Голем дел од германските извозно ориентирани претпријатија ја чувствуваат тешката економска состојба во кризните земји од зоната на еврото. Државите навистина, покрај мерките за штедење, усвоија и редица реформи, но во моментов германските претпријатија не очекуваат никакво брзо подобрување на стопанскиот развој. „Тие сепак сметаат на тоа дека порано или подоцна реформите и напорите за штедење ќе донесат плодови и тогаш повторно и позасилено ќе бидат на потег“, пренесува Нотнагел.

Анкетираните фирми најдобри изгледи им даваат на БРИК-државите (Бразил, Русија, Индија и Кина), а знаци на подобрување гледаат и во САД. Врз основа на анкетата на претпријатијата, Германската индустриска и трговска комора смета на пораст на извозот од 4 проценти годинава - нешто помалку отколку во изминатите десет години, кога порастот на извозот во просек изнесуваше 6 проценти.

Автор: Моника Ломилер/Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски