1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

За ВМРО-ДПМНЕ власт, за опозицијата крст!?

Изборните резултати се трауматично понижувачки за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но и кобни за земјата, бидејќи губењето на популарноста ќе вроди со зајакнување на политиките за владеење преку раздор, вели аналитичарот Арсим Зеколи

Атмосферата и пораките испратени по прогласувањето на победникот на изборите, не ветуваат ни напредок ни демократски исчекор, проценуваат аналитичари откако ДИК соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ освоила 51 пратенички мандат, а СДСМ 49.  

„Изборите се технички успешни, но сосема недемократски и неслободни“, вели аналитичарот Арсим Зеколи.

„Прашање на кое никој не понуди одговор е зошто воопшто партиите, посебно опозициските, прифатија таква ерозија на стандардите и учество на такви избори. Токму затоа, гледано во целина и како финален производ, сметам дека на овие избори секоја од нив доби своја Пирова победа, но најголемиот триумф е оној на илиберализмот и конзервативизмот кој веќе ги има освоено сите партии, но и општеството. Во различни форми и со различни изговори, но со ист дух“, оценува Зеколи.

Груевски: Опозицијата внесе омраза!

Тој „дух“ беше видлив и во обраќањето на Никола Груевски пред приврзаниците на партијата, кои синоќа ја славеа изборната победа пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски им се заблагодари на поддршката, а победата ја оцени како „многу значајна“.

Тоа не беше само обична изборна победа над СДСМ, туку многу повеќе од тоа, по овие две и пол изминати години и се она што се случуваше“, рече партискиот лидер и најави реализација на планираните проекти, но и посветност во надминувањето на „омразата што опозицијата ја внела меѓу граѓаните“.  

„Ќе бидеме фокусирани да се намали политичкиот јаз помеѓу граѓаните. Нашиот политички опонент СДСМ во желба да не победи, внесе многу гнев, многу омраза,  многу голем јаз се создаде помеѓу македонскиот народ и граѓаните на Македонија, а понекогаш и меѓу различните етнички заедници. Тоа треба да престане. И јас лично, и новата влада, и ВМРО-ДПМНЕ, ќе работиме на намалување на тој јаз и заедно сите обединети ќе ја градиме Македонија како земја со поголеми работни места и држава која ќе се движи кон Европската унија“, порача Груевски.

„Врвно лицемерие е тој што една деценија ги дели граѓаните да обвинува друг за тоа, па уште и да се претставува и препорачува како обединител“, беа најчестите реакции на социјалните мрежи. Тие особено се вжештија по изјавата на Влатко Ѓорчев дека „СДСМ треба да покаже европски манири и да му честита на победникот“, додека во исто време членови на ВМРО-ДПМНЕ во Битола и Прилеп победата „европски“ ја славеле фотографирани со надгробен крст на кој пишува: „Зоран Заев 1974-2016“. Една од тие фотографии била направена во близина на Општинскиот комитет на партијата во Битола, а нејзиното објавување на Фејсбук предизвика бројни реакции на згрозеност.

Владеење преку раздор

И минатиот труд на ВМРО-ДПМНЕ и таквите „славенички пораки“ не оставаат простор за очекувања дека партијата ќе ја смени матрицата на однесување. 

„Груевски и Ахмети не ја освоија, туку со крајни маки ја задржаа власта. И тоа е крај на нивниот подем, нивната последна линија на преживување. Резултатите се трауматично понижувачки за нив, но и кобни за земјата, бидејќи агонијата на губење на популарноста ќе вроди со зајакнување на политиките за владеење преку раздор, со цел да го ослабнат антирежимскиот круг. Отворениот националистички вокабулар на ДПМНЕ пред, но и после изборите, како и видно заладените односи на ДУИ со западните партнери, конкретно со САД, се предвесник за курсот на кој ќе се движат овие две партии, а со нив и земјата“, укажува Зеколи.

Според него, таквиот курс ќе биде предизвик за зачувување на антирежимскиот елан и потентност на опозицијата, која постигна значаен успех по бројот на освоени мандати.

„За жал, ексклузивистички настроеното раководство на СДСМ не покажа доволно желба за кооптирање на помалите опозициски партии како Левица, ЛП и умерената десница, што на крај ги чинеше губење на значаен број гласови кои би можеле да донесат пресврт и победа. Големиот број гласови на Албанците на конто на СДСМ е секако голем пресврт и позитивен исчекор, исто како и пробивот на 'Беса' и 'Алијансата на Албанците' во парламентот. Не спорејќи го нивното значање, сепак би потсетил дека овие избори се специфични по силниот емоционален револт и мотив кај Албанците за казнување на Ахмети и Тачи. И од тој аспект, постигнаа повеќе од очекуваното. Предизвикот пред опозицијата, посебно пред СДСМ, е во тоа што со големи придобивки доаѓаат и големи предизвици на оддржување на стекнатото. Првиот тест е веќе за неколку месеци на локалните избори, за кои очекувам да бидат многу потензични од парламентарните“, прогнозира Зеколи.

ЕУ: Итни реформи и поддршка за СЈО!

По објавувањето на изборните резултатите од страна на ДИК, високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан доцна синоќа ги поздравија изборите во Македонија, со оценка дека поминале „на мирен и уреден начин, со добар одѕив на гласачите“.

„Овие вонредни парламентарни избори беа клучен елемент на Договорот од Пржино од 2015 година. Тие ѝ нудат на земјата клучна можност за обнова на демократски, конструктивен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза и обединување зад заедничка цел на евроатланските интеграции“, порачаа Могерини и Хан во заедничката изјава.

Тие ги повикаа политичките партии да дејствуваат на инклузивен начин, што вклучува активна парламентарна опозиција и динамично граѓанско општество.„Очекуваме брзо формирање на новиот парламент и новата влада и спроведување реформи за решавање на системското владеење на правото, како и на итните реформски приоритети. Владата и опозицијата треба да продолжат со целосно спроведување на претходните политички договори, што вклучува и поддршка на работата на Специјалното обвинителство“, порачаа Могерини и Хан, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува земјата во процесот на реформи и на нејзиниот пат кон европската интеграција.

 

DW.COM

Поврзана содржина