1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

За Венизелос евроинтеграцијата на Македонија-проблематична

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, чија земја ќе претседава со ЕУ во првата половина од годинава, како проблематичен го оценува процесот на евроинтеграција на Македонија.

„Има случаи, како ПЈРМ кои се проблематични, бидејќи Владата на државата не помага со нејзиниот став за да се исполнат копенхашките критериуми кои треба да ги исполни секоја држава кандидат - почитување на меѓународното право и добрососедските односи“, вели Венизелос во интервју за грчката државна новинска агенција АНА-МПА, дадено вчера, еден ден пред официјалното преземање на шестмесечното претседателство со ЕУ.

Тој тврди дека иако проширувањето не е еден од врвните приоритети на грчкото претседателство, Грција останува посветена и верна на политиката на евроинтеграциите на Западен Балкан.

„Претходното грчко претседателство во 2003. година ја вгради како цел европската перспектива на Западен Балкан и таа е секогаш наш приоритет, усвоен од ЕУ. Сметам дека тоа е можност ова шестмесечие да се разговара за перспективите на Западен Балкан и да се преземат одредени активности што ќе дадат значење на нивната европерспектива“, вели Венизелос.

Тој посочува дека е оптимист за брзата интеграција на Србија со која на 21 јануари на меѓувладина конференција во Атина треба да започнат пристапните преговори. Тоа, според него, се однесува и на случајот со Црна Гора и Косово. Во однос на Албанија, Венизелос потенцира дека ја има грчката поддршка за веднаш да добие кандидатски статус што треба да се разгледа во јуни на крајот од грчкото претседателство. Покрај Македонија, како проблематична држава е посочена и Босна и Херцеговина поради нејзините, се наведува, внатрешни и институционални проблеми.

Венизелос воедно најавува и посета на земјите од Западен Балкан без јасно да посочи дали меѓу нив ќе биде и Македонија, а со цел како што вели, преку контакти со владите на овие земји да разговара за тоа како да се олеснат перспективите за нивна евроинтеграција.

Грција, вечер официјално ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ на церемонија во Атина на која ќе присуствуваат претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо и еврокомесарите. Ова е петто грчко претседавање со ЕУ, кое поради напнатата економска состојба во земјата, се најавува дека ќе биде поевтино, но поефикасно. Меѓу главните приоритети на Атина ќе бидат обезбедување економски раст и работни места, примена на одлуките на Европскиот совет за поддршка на мали и средни претпријатија и зацврстување на еврозоната.