1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заштитениот сведок сведочел на македонски јазик

Одбраната на Љубе Бошкоски не го признава сведочењето на заштитениот сведок, бидејќи тој се јавил преку видео врска на целосно затемнет екран. Бошкоски на соочувањето со заштитениот сведок не поставил никакво прашање.

default

Љубе Бошкоски (архива)

Љубе Бошкоски во лоша здравствена состојба го дочекува крајот на судскиот процес. Епилогот се очекува многу скоро. Пресудата ќе биде донесена по рочиштето предвидено за завршни зборови, кое е закажано за крајот на неделава. Адвокатите на Бошкоски велат дека нивниот клиент не се чувствува добро. Поради тоа не му поставил ниту едно прашање на заштитениот сведок, кој синоќа во Кривичниот суд во Скопје околу три часа сведочеше во процесот против лидерот на Обединети за Македонија. Одбраната на Бошкоски го оспорува сведочењето поради тоа што заштитениот сведок со шифрирано име Z-1 говорел преку видео бим на целосно затемнет екран.

Според обвинението станува збор за човекот кој му ги дал стоте илјади евра на Бошковски во еден скопски ресторан непосредно пред апсењето на 6 јуни. Иако подолго време се шпекулира дека станува збор за странски државјанин, адвокатите вчера открија дека заштитениот сведок зборувал на чист македонски јазик. Правните експерти не сакаат да го коментираат текот на судскиот процес против Бошковски.

Новинарката Јадранка Костова која внимателно го следи случајот е категорична дека станува збор за политички монтиран процес и наведува низа недоследности во повеќе фази на случајот „Кампања“. „Сите политички партии се сомнителни кога станува збор за финансирање на изборната кампања. Бошкоски е избран, бидејќи беше жесток критичар на власта. Повеќе недоследности укажуваат, дека загрозениот сведок работел по инструкции на полицијата за да го намести Бошкоски, што не е во согласност со законите“, објаснува за Дојче веле главната и одговорна уредничка на „Фокус“.

Бошкоски беше уапсен само ден по парламентарните избори во јуни годинава. Обвинет е за примање на 100.000 евра во готово, пари за изборната кампања за неговата партија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска