1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Заштита на подводните споменици

Остатоците од потонати бродови или подморници, за многу туристи се привлечна цел за нуркање. Германските археолози со посебни подводни табли се обидуваат да развијат свест за нивна заштита.

На длабочина од само девет метри лежат остатоците на брод стар околу сто години. Пред четири години тие беа откриени во Балтичкото Море во близина на Варнеминде. Оттогаш за нив се грижат подводните археолози од Росток. Но, остатоците ги открија и туристите - подводни нуркачи, кои често си земаат по некој сувенир.

„Пред неколку години изгледаше сосема поинаку. Но постојано нешто се уништува, некој нешто ќе однесе... ние сега се обидуваме да го спречиме тоа колку што е можно“, вели Штефан Ланге, археолог и нуркач.

Дел од неговата екипа е и Роберт Маркард, кој ја објаснува суштината на проблемот.

„Тука не станува збор за постојано надгледување. Целта на нашата акција е да се развие свест дека се работи за споменици. Тоа е споменик исто колку и некоја катедрала или урнатина од тврдина. Таму не се земаат камењата за да се однесат дома. И подводните остатоци се споменик, само што се под морската површина“.

Пропелер за по дома!

Тие тројца во слободното време работат за Бродското археолошко здружение. Нивната идеја е на морското дно, покрај остатоците од бродовите, да постават табли кои ќе укажуваат дека се работи за културни споменици. Тоа е особено важно во случаите кога остатоците се наоѓаат во релативно плитки води, во близина на брегот. Од овој брод останат е само костурот - туристичките нуркачи

однесоа се’ друго. Слична е состојбата и на други места, вели археологот Мартин Зигл кој е третиот член на тимот.

„Неодамна посетивме една подморница во близина на Болтенхаген. Таму нуркачите се обидуваа да го отворат окното и да влезат во внатрешноста. Градската управа преку влезот завари метална плоча, но некој се обидел и неа да ја тргне. А таа подморница е потоната заедно со екипажот и затоа важи и за гроб. Тука станува збор и за вознемирување на мртвите“.

Делови од обвивката на бродовите, окна, па дури и пропелери - луѓето земаат се‘ што ќе стигнат како сувенир за нивните дневни соби. Подводните археолози сега сакаат да им објаснат дека тоа не е в ред. Тие организираат семинари и ги известуваат нуркачите со подводните табли за техничките и историските детали поврзани со некои остатоци.

„Мислам дека на овој начин можеме да го разбудиме вниманието и свеста на луѓето, да им објасниме дека ова е споменик, а не игралиште или продавница за сувенири“, вели Штефан Ланге.

Дали апелот ќе биде успешен, археолозите ќе дознаат веќе во април, кога повторно ќе ги посетат остатоците кај Варнеминде.