1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Затегнатостите во односите меѓу ОН и Израел не се од понов датум

Поради притисокот на САД, Советот за безбедност не можеше да се договори за осуда на Израел. Вашингтон секогаш го користи правото на вето кога станува збор за критика на Обединетите нации врз Израел. Тел Авив пак, од своја страна, многу често ја критикува меѓународната заедница. Всушност, односите меѓу Обединетите нации и Израел со години важат како затегнати:

САД во Советот за безбедност секогаш се на страната на Израел

САД во Советот за безбедност секогаш се на страната на Израел

Израелскиот амбасадор во светската организација имаше сосема поинакво мислење од генералниот секеретар кога неодамна се појави извештај за ситуацијата во Либан. За еден дипломат Гилерман избра премногу јасни зборови:

„Јас сум повеќе вознемирен од она што не е кажано, отколку од она што беше речено. Трите клучни елементи на оваа криза: тероризам, Иран и Сирија воопшто не се изговорени„.

Израел често им префрла на Обединетите нации дека одбираат страна. Корените на оваа недоверба се длабоки: до пред неколку години Израел беше единствената земја-членка што не и припаѓаше на ниту една регионална група, зашто претходно некои арапски дражви се изјаснија против тоа Израел да и припаѓа на нивната група. Без таква припадност, никаква припадност и во важните тела на светската организација. Кофи Анан, непосредно по изборот направи напор да се подобрат односите меѓу ОН и Израел, вели професорот по политички науки Едвард Лик:

„Тој сакаше да изгради мостови, често ја посетуваше земјата и подвлекуваше дека антисемитизмот и Холокаустот не се теми само за Израел, туку за целиот свет„.

Сојузник на Израел во Обединетите нации се Соединетите Американски Држави кои секогаш ставаат вето ако Израел смета дека е онеправдан од некоја резолуција. Листата, пак, на американските критики врз светската организација е долга: неопходните реформи и злоупотреби се само две од многуте точки, иако САД не би сакале светска политика без Обединетите нации, смета професор Лик:

„Ако сакате да водите светска политика, велат САД, тогаш ви требаат Обединетите нации и тоа ефикасни. Тие по малку ја кошкаат светската организација, не плаќаат редовно и се жалат, но никогаш нема да ја напуштат„.

Меѓутоа, и земјите – членки се почесто гледаат кон САД со скепса и им префрлуваат дека ја инструментализираат организацијата во своја полза и секогаш мислат на себе. Но, и на Обединетите нации Вашингтон им е потребен – неговиот авторитет и пари. А, Обединетите нации делуваат слабо ако Америка не застане зад нив, како сега за критиката на Кофи Анан за инцидентот со пунктот на сините шлемови во Либан. Секако, би било неразумно да се смета дека Обедиентите нации се демонтирани, смета професор Лик:

„Многумина сметаат дека Обединетите нации се ирелевантни ако немаат позиција или резолуција за некоја тема. Тоа не е точно, туку напротив. Најголемиот проблем на Обединетите нации е што никогаш не научија да кажат НЕ„.

Сето тоа ја става организацијата пред тешка иднина и тоа во свет во кој предизвиците се поголеми од кога и да е: тероризмот, бегалските бранови, јазот меѓу сиромашните и богатите како и трошоците за хуманитарни и еколошки катастрофи. Сето тоа е многу повеќе од реалноста во годината на нејзиното формирање и таа мора соодветно да се адаптира. Сепак, брзи решенија од страна на 192-те држави членки нема да има.