1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Затвор за Силвио Берлускони

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони денеска (07.03) е осуден на казна затвор во траење од една година поради предавање доверливи информации. Судскиот процес се водеше за еден финансиски скандал.

Судот во Милано смета дека е докажано оти поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони бесправно обелоденил снимка на телефонски разговор во врска со банкарски скандал од 2005 година. Берлускони ги негира обвинувањата дека деталите за прислушуваниот телефонски разговор му ги предал на весникот „Ил Џорнале“, кој е во сопственост на неговиот брат Паоло. Тој има можност да поднесе жалба на пресудата. Се‘ додека не бидат исцрпени сите правни средства, поранешниот италијански премиер нема да мора да замине во затвор, а тоа би можело да се одолговлекува со години.

Во Рим, пак, судот вчеравечер го ослободи Берлускони во еден друг судски случај околу затајување данок. Тој беше обвинет дека во 2004 година купил филмски и телевизиски права по вештачки надуени цени за својот медиумски концерн Медиасет, за на тој начин да избегне плаќање данок. Околу овој случај претстои уште еден судски процес, кој почнува на 23 март. На 18 март пак, треба да заврши казнената постапка во таканаречената Руби-афера, во која Берлускони е обвинет за секс со малолетна проститутка. Тој ги отфрла овие обвинувања.

Судските одлуки доаѓаат само една и пол недела по парламентарните избори во Италија, кои завршија со пат-ситуација. Централно-десничарскиот сојуз на Берлускони заврши на второ место по умерената Левица. Сепак, ниту еден од двата политички кампа нема доволно комотно мнозинство гласови за да владее самостојно.