1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Затвор за лекарот кој помогна да се најде Бин Ладен

Лекарот кој соработуваше со ЦИА во пронаоѓањето на лидерот на Ал Каеда е осуден за велепредавство од суд во Пакистан.

Пакистанскиот лекар кој помогна да биде откриен лидерот на Ал Каеда Осама Бин Ладен е осуден на 33 години затвор поради велепредавство од страна на племенски суд во Пакистан. Шакил Африди, кој претходно беше отпуштен и од службата во пакистанското здравство, ќе мора да плати и казна од 3.500 долари.

На Африди му било судено во племенската област Хибер, согласно локалниот правен систем. Тој не присуствувал на судењето, ниту пак имал право да биде бранет од адвокат.

Африди бил врбуван од ЦИА за да раководи со програмата за вакцинирање со чија помош биле собирани примероци од ДНК и било потврдено присуството на Бин Ладен во градот Аботабад, каде тој беше убиен во мај минатата година.

Веднаш по акцијата на американските командоси, Африди беше уапсен од пакистанските власти. По донесувањето на пресудата тој е префрлен во затвор во градот Пешавар, потврди портпарол на владата во Пакистан.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон повика Африди да биде ослободен, оценувајќи дека тој делувал во интерес на двете држави.