1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Затворски казни за насилниците на спортските терени

Во Македонија во иднина поостро ќе се казнуваат предизвикувачите на насилства на спортските терени, но и оние кои ќе лажираат натпревари.

Македонската Влада усвои измени и дополнувања на Кривичниот законик што се однесуваат на санкционирање на насилство на спортските терени и на лажирање натпревари.

Со измените се предвидени казни од шест месеци до пет години затвор за насилство предизвикано пред, за време и по завршување на спортски натпревар. Во случај да биде предизвикана физичка повреда или смрт, предизвикувачот ќе се казни со три до десет години затвор, а при оштетување на имот од поголема вредност, казната ќе биде од една до пет години затвор.

Кривично ќе одговара и водачот на групата што ги предизвикала инцидентите, за кого е предвидена затворска казна од три до десет години.

„Со овие измени се очекува да се изврши сериозно влијание во превенцијата од вршењето вакви кривични дела, да се заштити здравјето и безбедноста на граѓаните, да се заштити имотот, но и да се заштитат самите спортски фанови да не учествуваат во вакви настани и да го заштитат и своето здравје и безбедност. Ова е практика која ја воведува цела Европа, затоа што овој вид настани претставуваат глобален проблем и предизвик, и цениме дека ќе донесе резултати“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Измени во кривичниот законик се предвидени и во однос на санкционирањето на лажирањето спортски натпревари. Се предвидуваат казни од една до пет години затвор.

„Со овие измени се стремиме да ги превенираме злоупотребите на спортските натпревари, да го оставиме спортот на спортистите и да го ослободиме од штетни и коруптивни влијанија, и да влијаеме на спречување на измами и доведување на граѓаните во заблуда, дејствија кои може да предизвикаат сериозна штета на имотот на граѓаните“, изјави Ѓорѓиев.