1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Затајувачите на данок повторно стравуваат

На германските финансиски власти им се понудени податоци за 1.500 лица, германски граѓани, кои наводно затаиле данок преку нивните конта во швајцарските банки. Дали министерот Шојбле да ги прифати информациите?

default

Аферата со тајните конта на германски граѓани во швајцарски банки, на кои наводно има средства од затаен данок продолжува да се шири. Лавината ја затркала вчерашната информација на два германски дневни весника дека анонимен информант им понудил на германските даночни власти информации за поголем број лица, кои затаиле данок преку префрлање на пари во швајцарски банки. Тој нуди податоци за 1.500 лица, а за возврат бара 2,5 милиони евра.

Спротивставени ставови на политичарите

Во меѓувреме се возбудија и духовите во политички Берлин, при што политичарите од владината коалиција и опозицијата имаат спротивни ставови околу тоа дали министерот за финансии Волфганг Шојбле треба да даде зелено светло за купување на податоците или не.

Symbolbild Bankgeheimnis Schweiz

Експертот на владеачката Христијанско демократска унија, Михаел Фукс смета дека тие податоци се украдени од некоја швајцарска банка и затоа државата не смее да ги откупи. Тоа би било наградување на крадци, оценува Фукс. И Ото Фрике од Либералната партија нагласува дека не смеат да се прават зделки со криминалци, посебно што не се знае дали анониманиот информант не се обидел веќе да ги уценува погодените лица.

Наспроти таквите мислења, шефот на собраниската група на опозиционата Социјалдемократска партија Јоаким Пос порача дека не смее да се има милост кон богатите кои прикриваат данок. Тие ионака спаѓаат меѓу поддржувачите на партиите на власт, ЦДУ, ЦСУ и Либералите, што фрла поинаква светлина врз евентуалното отфрлање на понудата од информантот. Пос згора на тоа апелираше до правосудните органи затајувачите на данок да ги третира како вистински криминалци и во потешките случаи да донесе затворски, а не само парични казни. Според негова проценка, од податоците што би се добиле од информантот германскиот буџет би можел да добие дополнителни 200 милиони евра.

Информантот веќе и’ доставил тест материјал на германската даночна полиција, која по проверката на пет случаи открила дека станува збор за прикриен данок во висина од по еден милион евра. Според првичните проценки на германските власти, германскиот буџет би можел да добие најмалку 100 милиони евра.

Во тек е проверка на информациите

Schweizer Franken

Владини извори во Берлин ги потврдија информациите на двата дневни весника дека таква понуда навистина постои. Според германската новинска агенција ДПА, министерот за финансии Волфганг Шојбле уште не донел конечна одлука дали да го прифати ЦД-то со податоците. Во тек е наводно натамошна проверка на доверливоста на информациите, како и на правната подлога за користење на податоците од страна на државните органи.

Случајот потсетува на аферата Лихтенштајн од пролетта 2008 година, кога германската разузнавачка служба БНД доби слична понуда со податоци за даночни затајувања. Тогаш на информантот му беа исплатени пет милиони евра за податоците, што биле украдени од една банка во Лихтенштајн. Најславна жртва на аферата беше тогашниот шеф на Германските пошти, Клаус Цумвинкел, кој поради тајните конта мораше да се повлече од сите функции. Јавното обвинителство во Бохум се’ уште има отворени истражни постапки за околу 400 случаи од аферата Лихтенштајн. Новиот понудувач со податоците од швајцарските банки, пак, му се обратил наводно на обвинителството во градот Вупертал.

Автор: ГЧ/АТ/дпа/

DW.COM