1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Застрашувачка хуманитарна криза во Сирија

Според ОН, сириската граѓанска војна ја предизвикала најголемата бегалска криза уште од геноцидот во Руанда во 1994 година. Повеќе од 1,8 милиони луѓе во моментов се регистрирани како бегалци во земјите соседи на Сирија.

Пет илјади месечно умираат во сириската граѓанска војна, со што е предизвикана најголемата бегалска криза уште од геноцидот во Руанда, изјави Високиот комесар за бегалци на ОН, Антонио Гутерес пред Советот за безбедност во Њујорк.

„Не сме виделе ваква застрашувачка ескалација на прилив на бегалци уште од конфликтот во Руанда пред 20 години“.

Во 1994., повеќе од два милиони жители на Руанда бегаа пред геноцидот на радикалните припадници на Хуту племето кои убија околу 800 илјади припадници на племето Тутси за неполни три месеци.

Во моментов, околу 1,8 милиони луѓе се регистрирани како бегалци во земјите кои граничат со Сирија, а во просек околу 6 илјади луѓе дневно бегаат од земјата. ОН проценуваат дека досега во конфликтот биле убиени најмалку 100 илјади луѓе.

Поголема меѓународна помош

Заедно со координаторот за помош на ОН, Валери Амос, Гутерес побара од Советот за безбедност поголема меѓународна помош и посилна акција за ставање крај на конфликтот кој трае веќе две години.

Амос изјави дека меѓународната заедница ќе мора да размисли за почнување со прекугранични операции за да обезбеди повеќе помош за Сирија каде таа им е неопходна на околу четири милиони луѓе. Таа смета дека се потребни околу 3,1 милијарди долари за операции во и околу Сирија до крајот на годинава, но агенциите во истовреме се соочуваат со бројни пречки од страна на владата и бунтовниците во Сирија.

Сириската влада досега одбиваше каква било прекугранична помош, а во тој став ја има поддршката и од Русија, која е нејзин клучен поддржувач во Советот за безбедност.

Прекуграничната помош ја поддржа турскиот амбасадор во ОН, Левен Елер.
„Советот мора да пронајде алтернативни патишта за доставување на помош. Кризата во Сирија станува најголемата хуманитарна трагедија на 21 век“, рече тој.

Либанскиот амбасадор е загрижен и за стабилноста на неговата земја.
„Зачестените прекугранични упади и истрели од Сирија кон Либан ја загрозуваат стабилноста и безбедноста на мојата земја“, рече амбасадорот Наваф Салам.

Либан има околу 4 милиони жители, и според Салам, актуелниот број на бегалци од Сирија во неговата земја би бил еквивалентен на 75 милиони бегалци кои би влегле во САД. Тој проценува дека бројката на бегалци ќе се зголеми за 20 пати во текот на 2013.

Сирискиот амбасадор во ОН Башар Џафари имаше забелешки на пресметаниот број на жртви (100 илјади) во конфликтот во неговата земја, оценувајќи ја проценката како „непрофесионална“. Од ОН му одговорија дека за секоја жртва се извршени проверки кај најмалку три извори и дека се користени ригорозни методи.