1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Застој на самитот на СТО во Хонг Конг

Шансите за постигнување барем минимален компромис на Светската трговска конференција во Хонг Конг малку се подобрија на вчерашниот трет ден.

Американскиот претставник Портман зборува на самитот во Хонг Конг

Американскиот претставник Портман зборува на самитот во Хонг Конг

САД најавија готовност за мало попуштање во спорот со земјите од Западна Африка околу производството на памук. Германската делегација, пак, предводена од министрите за стопанство и земјоделство бара преговорите да не се фокусираат премногу на аграрот, туку да се разговара истовремено и за индустриските производи.

Вашингтон најави обезбедување неограничен и бесцарински пристап на земјите производители на памук од Западна Африка на големиот американски пазар. Ова е добар прилог за најавениот развоен пакет што богатите индустриски земји и порано им го ветија на земјите во развој, оцени германската министерка за развојна помош, Хајдемари Вичорек Цојл. Истовремено таа ги обвини САД дека на светскиот пазар на памук се користат со практики што се спротивни од принципите на слободниот пазар. САД имено ги субвенционираат големите фарми за производство на памук со преку 4 милијарди долари годишно.

За германската делегација меѓутоа целиот спор околу разградувањето на аграрните субвенции има помала важност. Германија имено е многу повеќе заинтересирана за либерализација на пазарите на индустриски производи и услужни дејности. Тоа е поврзано и со фактот што таа е длабоко поврзана со светските пазари. Околу една третина од вкупното производство на Германија е поврзано со извоз, а од него зависи и секое четврто работно место во земјата. И минатата година Германија беше светски рекордер во извоз.

Дотолку повеќе Министерот за економија Михаел Глос во Хонг Конг нагласи дека е штета што првите три дена од самитот му беа посветени речиси исклучиво на спорот околу либерализацијата на аграрот. При тоа не е постигнат пробив. Тој го брани и предлогот на ЕУ на овој план, бидејќи со него на земјите во развој им се обезбедува слободен и безцарински пристап на големиот европски пазар:

„Понудата на ЕУ е на маса. Би било добро кога сега би се позанимавале и со другите чувствителни прашања и тогаш дури на крајот да се гледа каде евентуално треба да се направи уште некој чекор за да се постигне урамнотежен компромис. Значи дури тогаш може нешто дополнително да се измени„ – посочи Глос и додаде дека сега и големите индустриски земји надвор од ЕУ треба да го дадат својот придонес.

Тој оценува дека големиот покер што се води меѓу сите земји учеснички на Конгференцијата во Хонг Конг нема да доведе до суштински пробив, туку дека преговорите околу либерализацијата на светската трговија ќе продолжат на попчетокот од наредната година во централата на Светската трговска организација во Женева.